„Не требаат екстремна сила, ни мускули за да се управува брод. Се работи за техника која се учи како онаа за да се вози авион“, вели Елена Лотеска-Наумовска, првата жена капетан на брод во Македонија, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК. Таа го положи капетанскиот испит инатиот месец, но од најмала возраст е на брод.
Ќерка е на капетан, во присуство на татко ѝ уште на 8-годишна возраст го управувала бродот „Македонија“ од Охрид до Свети Наум.
„Имав ретка можност уште од моето најрано детство да поминам многу време на бродовите. Тоа време татко ми го возеше бродот ‘Македонија’, сопственост на фабриката ЕМО. Секое лето, секој ден, јас одев на таа редовна линија. Чекав да го извади бродот од пристаништето за да ми го даде кормилото, а бидејќи бев мала едвај го достигнував, седнував на едно високо столче за да можам да гледам и управував од Охрид до Свети Наум. Бев трето одделение, 7-8 години. Се чувствував исполнето. Тоа беше љубов на прв поглед“, вели Лотеска-Наумовска.
По „Македонија“, следувал бродот „Викторија“ каде работела на сите работни позиции. Од морнар, чистач, капетан, продавач на билети, шанкер.
„Тогаш бев средно школо и не ми беше проблем дека ги пропуштав забавите што ги минуваа врсниците. Мене ми беше задоволство што еден голем број гости ги испраќаме со убави доживувања. Се пронајдов и тоа стана мој живот’, капетанката Лотеска-Наумовска.
Дипломира на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола. Но, информатиката во период кога е многу барана и популарна како професија ја напушти за да работи на брод.
„Уште пред да дипломирам во Битола, имав понуда да работам како програмер. Но, кога се замислив себеси 6 дена неделно по 8 часа на компјутер, затворена, без езерото, сфатив дека тоа не сум јас. И затоa решив да се вратам назад во Охрид“, вели таа.
Со сопругот студираа во Битола, но се запознаа претходно како играорци. Сепак, ги спои и љубовта кон пловењето. Двајцата се капетани. Сега управуваат со два брода, „Армада“ и „Армада блу“, кои нудат нови, атрактивни и несекојдневни туристички тури низ Охридското Езеро.
На прашањето кој кого повеќе слуша – капетанот капетанкта или обратно, таа вели дека треба компромис како и за сѐ во животот. Ги управуваат двата брода на кои се случуваат многу веначавки, свадби, родендени, доживување на зајдосице, романтични вечери, капење среде езеро, винска тура и други.
Елена го крши мразот во професијата која сѐ уште се смета за машка, но вели дека сè повеќе добива комплименти како капетан отколку некој накривен поглед.
„Ги менувам стереотипите. Кога на седум години идев на пристаниште немаше друго девојче. А сега доаѓаат и на нашиот борд, а гледаме и на другите бродови дека се бараат девојчиња. Испишуваме нова историја“, вели Лотеска-Наумовска во подкасот на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



