„ДА НЕ СЕ ПРОВАЃА САС ПРАСЕ“, БАРА КАНДИДАТ ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА ОД КУМАНОВО, ДРУГИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ПЛАЌАЛЕ РУЧЕЦИ, А НЕКОИ ДАВАЛЕ КЕШ ВО ПЛИКО

    „ДА НЕ СЕ ПРОВАЃА САС ПРАСЕ“, БАРА КАНДИДАТ ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА ОД КУМАНОВО, ДРУГИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ПЛАЌАЛЕ РУЧЕЦИ, А НЕКОИ ДАВАЛЕ КЕШ ВО ПЛИКОМногумина од испитаниците бараат да има преглед на снимката по барање на кандидатот без последици при евентуално наредно полагање. - Од полагање на полигон (Фото: СДК.МК)

    Мнозинството од учесниците во истражувањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали кандидатите за возачи се лоши или испитните комисии намерно ги паѓаат, ги обвинуваат комисиите за непрофесионалност и/или корупција, иако и самите признаваат дека правеле грешки при полагањето.

    На пример, еден незадоволен кандидат вели дека неправедно паднал на практичниот дел од возачкиот испит иако удрил пешак со ретровизорот. Смета дека требало да положи затоа што не го повредил пешакот, само го потфатил по левата подлактица, а и пешакот се симнал од тротоар на коловоз на место каде што нема пешачки премин.

    Но, се јавија и граѓани со сериозни обвинувања за мито и корупција на членовите на испитните комисии, со лични искуства. Некои плаќале ручеци, некои давале кеш.

    Скопјанец вели дека паднал двапати на „градска“, пред да даде мито преку посредник.

    „Првиот пат во комисијата имаше еден постар човек за кој ми кажаа дека е многу строг и нема шанси ни мито да дадеш. За вториот пат, татко ми фати врски, наводно било зборено со директорот на комисијата. Ми беше кажано дека треба да положам, само да возам како првиот пат. Но, пак ме паднаа. Потоа, преку тетин ми кој е инспектор најдовме сопственик на автошкола кој се знае со комисијата. Се тргнуваше од Јане Сандански, таму дојде човекот, ми рече: ‘Полека, смирено, ќе положиш’. Овојпат имаше сосема друга комисија. Ми рекоа: ‘Ние ќе ти потпомагаме, само не прави големи грешки’. Ми дадоа и полесна рута и ете од трета положив. Само еднаш малку ми помогнаа. На човекот му дадов 8.000 денари во плико, се најдовме пак во Аеродром. Му рекле дека многу ми помогнале, што не беше вистина“, вели скопјанецот, чиј идентитет е познат на редакцијата.

    Гостиварец, кој трипати паѓал на практичниот дел, вели дека им платил ручек на членовите на комисијата за да положи.

    „Преку познати успеав да фатам врски. Ми рекоа да платам ручек и да пазам само да не згазам некого. Ми го кажаа ресторанот, знаеја конобарите за што сум дојден. 1.500 денари беше ручекот, по 500 од член на комисијата. Првите три пати ме тераа по 20-30 минути да кружам низ градот, а откако платив ручек само 4-5 минути возев и ме пуштија сам да бирам кај да возам“, ни раскажа момчето, чиј идентитет е познат на редакцијата.

    Скопјанец, кој пред нецели две години положил за А категорија од четврти пат, вели дека бил принуден да фати врски.

    „Можам во сè најмило да се заколнам дека трипати возев без ниедна грешка. Тоа го тврдам затоа што пет години имам возачка Б категорија, возам мотор и максимално ги почитувам сообраќајните правила и сум доста запознат со истите. Морав да фаќам врски за да положам од четврта затоа што сериозно веќе немав пари за фрлање, а и како што слушав, имало кандидати кои седум пати паѓаат. Ова е катастрофа. Дури и инструкторката пред мене се искара со комисијата со коментар: ‘Аман, имајте стандарди и договорете се дали е тоа за паѓање или не’. За иста работа, пола од кандидатите поминуваат без забелешка, а пола паѓаат“, вели тој.

    За фаќањето врски, тој објаснува:

    „Татко ми поради професијата се знае со цела испитна комисија, а фатив врски и преку инструкторката. Пред четвртиот пат, не можев да заспијам цела вечер, око не склопив. Тоа е изживување. Во 13.30 со тресење отидов, немав никаква концентрација, сто грешки направив и положив“.

    Ивана од Скопје, која положила од трета, вели дека ѝ барале 200 евра за да положи од прва.

    „За пари да ви земат сè ќе направат. Сакаа 200 евра за да положам од прва, што немаше шанси да им дадам, не затоа што немав, туку затоа што знаев дека знам да возам“, вели таа.

    Најконкретен е Јове од Куманово, кој лани полагал за Ц категорија, кој вели: „Да не се проваѓа сас прасе“.

    Кирил од Скопје вели дека положил од вторпат со врски „лабаво, да не се нервира“. Убеден е дека без честење на комисијата не се поминува, но апелира „нек намалат на по еден сендвич барем, не по цели кафани“.

    Горјана од Скопје, која полагала практичен дел пет пати, вели дека членовите на комисијата се сожалиле.

    „На градско возење ме буткаа четири пати, петтиот пат положив, иако имав направено грешки. Тие грешки да ги имав вториот пат или првиот ќе ме бутнеа секако, ама дека петти пат полагав ‘се сожалија’. Дрски се, намерно ти зборат за да се збуниш, намерно ти дофрлаат и коментираат, ти прават да се чувствуваш лошо и омаловажено и под таков стрес, секако дека ќе правиш грешки“, раскажува таа.

    Убедена е дека комисијата пробува да те збуни на секој можен начин.

    „На најдолен начин успеваат да те бутнат, за да немаш после приговор. Сигурна сум дека има за нив посебен круг во пеколот. Ужасни луѓе се сите до еден, пет пати полагав и пет пати имав искуство со недостоинственици и лопови кои ти ја користат маката за да извлечат пари од тебе. И не знам зошто до сега никој ме го покренал прашањево кога се знае дека зимаат пари и буткаат намерно, дека се корумпирани и дека користат“, вели Горјана, која за пет полагања платила околу 400 евра.

    На Горјана, како и на уште неколку други кандидати им смета што не може да се уплаќа електронски.

    „Треба да се избегнат сите тие церемонии со уплаќања, па прва помош, па здравствено што апсолутно ништо не кажува, докторите не се ни присутни, само проаѓаш од соба во соба да собираш потписи демек дека си здрав, чиста фарса. И потоа да се уплаќа електронски како во 21. век. Се чекаат бескрајни редици за уплата, и секој пат истото“, вели Горјана.

    Флора од Скопје, која положила од петти пат, вели дека оправдано ја паѓале на „градска“ за нејзини грешки. Објаснува дека имала лоша инструкторка.

    „Инструкторката воопшто не внимаваше што правам, ќе направев грешка и тука она ќе почнеше ‘леле, не треба вака, па го зборевме ова’, а не сме го збореле. Кога ќе ѝ кажев дека не сме го збореле ова, наместо да ме потсети таа ми велеше ‘ама како, сме го збореле, ти не внимаваш’. ОК. Повтори што сме збореле, потсети ме. И наместо да ми ја опише грешката што ја правам и да ми даде насока за како да ја избегнам таа грешка, таа само го оставаше на тоа и си седеше на телефон. Повеќе научив како се вози од моите обиди за полагање градска, повеќе обука ми пружи комисијата него инструкторката“, вели Флора.

    Боби од Скопје вели дека не му бил дозволен увид во видеоснимките од полагањето. Како што вели тој, така е регулирано да е речиси невозможно. Потоа му било кажано: „Оди подобро уплати си по вторпат и ќе положиш. Ако поднесеш сега приговор веќе во Скопје нема да положиш“.

    Соња од Скопје вели дека инструкторот ја советувал да не поднесува жалба, бидејќи имало такви случаи каде за инает подоцна возачите полагале и по 10 пати.

    И уште други двајца кандидати бараат да има преглед на снимката по барање на кандидатот без последици при евентуално наредно полагање.

    Според Евгенија од Скопје, проблемот е што има мал број часови, а дополнителните се доплаќаат и речиси на секој кандидат му се потребни.

    „Значи програмата не е прилагодена на потребите на возачи почетници. Поради цената на дополнителните часови, кандидатите не ги земаат и одат на полагање. Потоа паѓаат на испит, па помеѓу две полагања повторно треба да земат дополнителни часови, бидејќи од едно закажување до друго лесно се губи рутина за човек кој не е секојдневен возач. Повторно, поради цената не се земаат дополнителни часови и се паѓа по неколку пати. Ова е мудро искористено од членовите на комисијата, па кандидатите наместо да плаќаат дополнителни часови, плаќаат преку инструкторите мито. Исто така, уште едно нешто сакам да напоменам, а тоа е сексуалното вознемирување, дофрлање и коментари на инструкторите кон женските кандидатки“, вели Евгенија.

    Незадоволните кандидати од резултатите од писмениот тест, од полагањето полигон или возачки испит, имаат рок од 24 часа, и само од 24, да поднесат приговор до Испитниот центар што ги бутнал. Тој има обврска да го извести Министерството за внатрешни работи. Надлежните во МВР од секторот за сообраќај ја преиспитуваат претставката и даваат конечен став. Испитниот центар е должен да го почитува, велат од МВР.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира