„Јас сум ‘за’ да има по две дрвја на еден жител“, одговорил испитаник на анкетата што ја спроведоа четворица студенти од Факултет за информатички науки и компјутерско инженество (ФИНКИ) во рамки на истражувањето за јавното зеленило во Битола. Со анкетата насловена „Дали битолчани кога ќе погледнат низ прозорец гледаат зелено или сиво?“ беа опфатени 362 испитаници.
Целта беше да се соберат ставови на граѓаните за тоа колку се задоволни од јавното зеленило во градот, да се утврдат причините кои довеле до соодветната состојба и каде да се бара помош за подобрување на состојбата.
Најголем дел од испитаниците сметаат дека во Битола нема доволно зеленило (86,7проценти). Дури 91,7 отсто низ годините биле сведоци на уништување на животната средина за да се направи место за урбани и станбени објекти. Испитаниците сечењето на шумата кај касарната за да се изградат згради (активност што се случи пред неколку години) го оценуваат како катастрофа за градот. Скоро сите анкетирани – над 95 проценти, од кои 67,6 проценти тотално се согласуваат и 28 проценти само се согласуваат, дека инвеститорите треба да обезбедат зелен појас околу објектите кои се градот, со претходно одредување на обем на зелени површини по жител.
Речиси сите испитаници се сложуваат дека е потребно да се воспостави зелен катастар. Исто така, 63,2 отсто тотално се согласуваат и 30,7 проценти само се согласуваат дека барем двапати годишно треба да се организираат акции за засадување на дрвја.
Испитаниците сметаат дека прекумерното сечење на дрвја го влошува квалитетот на воздухот и предизвикува ерозија на земјиштето, а сето тоа има директен ефект врз здравјето и квалитетот на животот (тотално се согласуваат 44,2 проценти). Бараат да се казнат несовесните граѓани кои уништуваат јавно зеленило. Ако се јави проблем поврзан со животната средина, 51,3 отсто од испитаниците би се обратиле на општинскиот комунален инспектор. Инаку, скоро сите сметаат дека во маалата треба да има маалски паркчиња.
Ж. ЗДРАВКОВСКА