„ЕКО-СВЕСТ“ БАРА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ СО КОИ НА ПЛОДНО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ БИ МОЖЕЛА ДА СЕ ПРОИЗВЕДУВА СТРУЈА

    „ЕКО-СВЕСТ“ БАРА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ СО КОИ НА ПЛОДНО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ БИ МОЖЕЛА ДА СЕ ПРОИЗВЕДУВА СТРУЈА„Еко-свест‘ во соработка со МАНУ подготви Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи (Фото: СДК.МК)

    Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест“ бара итно повлекување на предложените измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште, со кои се предвидува пренамена на плодни земјоделски површини во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија. Оттаму велат дека предложените измени на Законот се спротивни на актуелните политики за земјоделство и рурален развој на државата, како и на политиките за климатска акција усвоени во последните три години.

    Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроцентрали, термоцентрали, нуклеарни, ветерни и сончеви електрани, електрани на биогориво и за површински соларни и фотоволтаични електрани ќе се ограничи намената на локации со плодна почва за обезбедување храна за населението. Недозволиво е поради заштитата на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците. Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште. Најголем дел се пасишта, кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во централи за обновливи извори на енергија“, велат од „Еко-свест“,

    Тие посочуваат дека веќе се подготвени повеќе научни студии кои покажуваат дека има многу локации за развој на нови енергетски проекти во области кои ги избегнуваат земјоделските и други квалитетни природни површини и немаат влијание врз животот на локалните заедници. Такви локации се деградирани земјишта од напуштени рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина и стари депонии.

    „‘Еко-свест во соработка со МАНУ подготви Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи и мапа на одржливи локации за развој на обновливи извори на енергија, насочени првенствено кон некорисно и загадено земјиште во земјата“, додаваат од „Еко-свест“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира