ЌЕ ИМА КОНКУРС ЗА „ТРЕСКА“, КОМИСИЈАТА ЌЕ ЈА СОСТАВИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ, ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ БЕЛЧЕВА ВЕЛИ ТАКА СЕ ШТИТАТ ИНТЕРЕСИ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ

ЌЕ ИМА КОНКУРС ЗА „ТРЕСКА“, КОМИСИЈАТА ЌЕ ЈА СОСТАВИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ, ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ БЕЛЧЕВА ВЕЛИ ТАКА СЕ ШТИТАТ ИНТЕРЕСИ НА ИНВЕСТИТОРИТЕБелчева-Андреевска смета дека со предлогот на градоначалникот Богдановиќ да има надворешни членови во Комисијата, се отвара можност да се остварат интересите на инвеститорите за тоа што да се гради на просторот, а не да се заштити јавниот интерес. (Фото: К. Попов)

На конкурс ќе се одлучува што ќе се гради на просторот на поранешната фабрика „Треска“ во Скопје, но начинот на кој ќе биде спроведен создаде кавга меѓу градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и претседателката на Советот Јана Белчева-Андреевска. По три закажани седници, на кои се дискутираше за иницијативата на граѓани и архитекти да се распише Архитектонско-урбанистички конкурс, вчера советниците прифатија на овој начин да се уреди просторот, но врз основа на предлогот на градоначалникот Саша Богдановиќ.

Градоначалникот пред почетокот на седницата кажа дека предлага нова вонредна седница за распишување конкурс за „Треска“, бидејќи точката која е ставена на 41. седница на дневен ред не може да се изгласа зашто иницијативата не била доставена според законски прописи.

„За да не се доведеме да донесеме одлука, а потоа некој да може да ја оспори, јас како градоначалник предлагам нова вонредна седница за распишување конкурс за ‘Треска‘. Со тоа ќе ги избегнеме можностите за носење незаконски одлуки, а целта ќе ја постигнеме, да се распише конкурс за уредување на овој дел од Деталниот урбанистички план Градска четврт 311 локалитет Буњаковец 1 и 2“, рече Богдановиќ.

„Јас да ги штитев интересите на инвеститорите немаше да воведам мораториум, ниту да се борам да донесеме планови кои ќе овозможат хуман живот на граѓаните“, вели Богдановиќ. (Фото: СДК.МК)

Но, овој предлог на градоначалникот Богдановиќ, не го прифати претседателската на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска. Таа не дозволуваше да има вонредна седница со предлогот на градоначалникот Богдановиќ, туку според точката која беше на 41. седница. Белчева велеше дека заклучоците за тоа како да се спроведе конкурсот се различни од оние кои биле претходно договорени и кои беа предложени како точка на редовната седница.

Проблемот, според Белчева, е во однос на тоа кој ќе биде дел од Комисијата за составување на програмската задача за конкурсот. Во заклучоците на градоначалникот стои дека тој ќе формира Комисија, која покрај вработени од Општината ќе има и надворешни членови, додека Белчева смета дека Комисијата треба да биде составена само од вработени во Секторот за урбанизам на Општина Центар. Со предлогот на градоначалникот да има надворешни членови, смета Белчева-Андреевска, се отвара можност да се остварат интересите на инвеститорите за тоа што да се гради на просторот, а не да се заштити јавниот интерес.

„Жал ми е што административните бариери беа пречка за прифаќање на граѓанската иницијатива, иако бариерите се поставени токму од власта и таа треба да ги отстранува за да ја охрабри соработката со граѓаните. Но најмногу жалам што градоначалникот смета дека има дискреционо право да одлучува за Комисија, за финансирање и за дефинирање на барањата. Неговите предлози за тоа како и кој ќе ги дефинира влезните параметри по кои ќе се работи конкурсот, барањата кои мора да бидат задоволени во решението, но уште повеќе како и преку која програма ќе се финансира конкурсот, отвораат простор за задоволување на интересни групи, а на штета на јавниот интерес и граѓаните. Моето залагање не е за конкурс како легално-технички параван за да се изигра интересот на граѓаните за сметка на политичко-бизнис интересни спреги, како што беше случај впрочем и со ‘Скопје 2014’, проект кој ‘победи‘ на конкурс. Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните“, вели претседателката на Советот на Општина Центар Белчева-Андреевска.

Токму поради несогласувањето со предлогот на градоначалникот Саша Богдановиќ, претседателката на Советот Белчева-Андреевска ја напушти седницата. Потоа, седницата ја водеше најстариот советник Цветанка Симоновска, која го прифати предлогот на градоначалникот за вонредна седница со неговите предлози за распишување конкурс за „Треска“. Овој предлог беше прифатлив за советниците и тие го изгласаа со 12 гласови „за“.

Комисијата за составување на програмската задача за конкурсот ќе ја состави градоначалникот Богдановиќ, а покрај вработени во Општината ќе има и надворешни членови. (Фото: К.Попов)

Градоначалникот Богдановиќ вели дека не е точно она што го говори претседателката Белчева-Андреевска и не сака да заштити никакви бизнис интереси на инвеститори за овој простор.

„Јас да ги штитев интересите на инвеститорите немаше да воведам мораториум, ниту да се борам да донесеме планови кои ќе овозможат хуман живот на граѓаните. Комисијата која ќе ги состави влезните податоци на конкурсот ќе биде составена од вработени во Општината, како и од претставници кои ја поднесоа иницијативата. Немам никакви скриени намери, ниту договори со инвеститори. Нормално е дека и претставник на сопствениците на имотите треба да биде вклучен покрај архитектите, поднесувачите на иницијативата и стручните лица од Општината“, вели Богдановиќ.

Во јануари годинава, откако во јавноста почна да се зборува дека со новиот план „Буњаковец 1 и 2“ , кој во моментов се прави во рамките на мораториумот, се превидуваат нови згради, беше поднесена иницијатива да се распише конкурс. Иницијативата за Архитектонски урбанистички конкурс до Општина Центар ја поднесе поранешната претседателка на Здружението на архитекти на Македонија Даница Павловска-Циги, во име на повеќе професори, архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти, како и граѓанските здруженија „Здравје пред профит во Центар“, „О2 коалиција“ и „Транспарентност Македонија“.

„Граѓанскава иницијатива ја поднесуваме со верба во создавање на нова урбанистичка визија за локацијата на фабрика ‘Треска‘ што конкретно подразбира предвидување, организација и спроведување на архитектонско-урбанистички конкурс со соодветна програмска задача. Нашето длабоко уверување во успехот на институцијата конкурс е неприкосновено, а аргументацијата на конкурсот како компетитивен демократски процес е проверена. Таквиот потез индицира разумно делување, претставува гарант за побогата идејност и очигледна предност, а што е особено важно, позитивно ќе го одбележи времето што го живееме“, стоеше во граѓанската иницијатива до градоначалникот Саша Богдановиќ.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира