ДОЖДОТ ГО ЈАДЕ ЛЕБНОТО ЗРНО ВО ПЕЛАГОНИЈА И РОДОТ Е ПОД ПРОСЕКОТ, ЛЕБОТ Е ПОСКАП ОТИ МОРА ДА СЕ УВЕЗУВА ЖИТО И БРАШНО

    ДОЖДОТ ГО ЈАДЕ ЛЕБНОТО ЗРНО ВО ПЕЛАГОНИЈА И РОДОТ Е ПОД ПРОСЕКОТ, ЛЕБОТ Е ПОСКАП ОТИ МОРА ДА СЕ УВЕЗУВА ЖИТО И БРАШНОКлиматските промени особено влијаат врз житото, обилните дождови ја измија и квалитетот е понизок. (Фото: СДК.МК)

    Климатските промени го десеткуваа лебното зрно во најголемата житница во земјава Пелагонија. Ако до лани жетварите се мачеа со сушите, годинава обилните дождови во пролетта и почетокот на летото непосредно пред жетвата ја измија пченицата. Приносите и квалитетот на родот годинава се под просекот. На одредени парцели приносот е меѓу 2 и 2,80 тони од хектар, а намалена е и хектолитарската маса, еден од параметрите по кои се цени квалитетот на пченицата. При намален род, дел од мелничарите ќе мораат да озбезбедат жито и брашно од увоз, што секако ќе влијае врз цената на лебот.

    „Млинарите ни велат немате квалитетна пченица, па набавуваат од Србија. Предлагаме нека го продаваат лебот во Србија. Треба да направиме иницијатива да не купуваме домашен леб, да бараме од Србија да ни донесат“, вели од најголемите одгледувачи на жито во Пелагонија, Митат Исмаиловски од Будаково, по загижувачките состојби со ниските приноси и квалитет на лебното зрно годинава.

    „Ако лебот се произведува од наше жито и брашно и цената би била пониска. Но, тоа не може да се направи во услови кога приносите жито се десеткувани, а државата предалага минимална помош од три денари за килограм жито“, вели Митат Исмаиловски од Будаково. (Фото: Фејсбук)

    Тој посочува дека врз порастот на цената на лебот и тоа како влијаат климатски промени зашто се намалува производството и квалитетот, а напоредно со тоа се зголемува увозот на пченица и брашно. Тоа подразбира и трошоци за превоз, даноци на граница, па откупната цена е повисока и рефлектира врз цената на лебот. Исмаиловски вели дека е потребна сериозна државна стратегија за да не се намалат уште повеќе полињата под жолто класје, што е стратешка култура во земјава.

    „Ако лебот се произведува од наше жито и брашно и цената би била пониска. Но, тоа не може да се направи во услови кога приносите жито се десеткувани, а државата предалага минимална помош од три денари за килограм жито предадено кај регистриран прареботувачки капацитет до 31 август, а за јачменот кој годинава даде богат род по 6 тони од хекатар се предлага помош од 12 денари. Отпупната цена што ја даваат млинарите е 9 денари од килограм, со помошта од три денари ако ја дозволи Владата ќе изнесува 12 денари, а производната цена им е 17, па сум во загуба. Не сум луд со 5 денари од џеб да ги финансирам мелничарите“, вели Исмаиловски.

    Потребна е сериозна државна стратегија за да не се намалат уште повеќе полињата под жолто класје, што е стратешка култура во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Борче Врџовски, земјоделец од Логоварди вели дека климатските промени особено влијаат врз житото.

    „Дождовите ја расипаа пченицата. Обилните врнежи на дожд не ѝ дозволија доволно да се опраши. Ја измија. Ако не беше жешкиот бран кој траеше до пред неколку дена уште полошо ќе беше. Сме имале дождови, но помалку одразени со штети кај пченицата, најчесто имавме проблеми со сушна пролет поради што се намалуваа приносите, а не од вода. Обратно е годинава“, вели Врџовски.

    Сè повеќе селата се празнат, а дел од земјоделците се чувствуваат немоќно да се борат со климатските предизвици.

    „Да го продадам годинешниот род, ќе ги собирам машините, имам околу милион евра вложено во механизација и ако најдам откупувач ќе ги продадам сите, ќе се откажам од обработка на 400 хектари со житни култури. Ќе се откажам од земјоделство по 35 години работа, ги задржав синовите околу мене, внучиња, но не оди работата“, кометира Исмаиловски.

    „Сме имале дождови, но помалку одразени со штети кај пченицата, најчесто имавме проблеми со сушна пролет поради што се намалуваа приносите, а не од вода. Обратно е годинава“, вели Врџовски. (Фото: СДК.МК)

    Мелничарите велат дека цената на житото ја утврдува пазарот, а тие барат да купат што поквалитетно лебно зрно за поисплатлива цена. Додаваат дека земјава за лебно зрно е увозно зависна, домашно жито има сè помалку, па приморани се потребните количини што недостигаат да ги набавуваат од странство. Врз цената на лебот која се движи од 35 денари за векна па нагоре, влијаат и скапите енергенси, работната сила и други трошоци.

    Од Министерството за земјоделство, и по четири дена од поставените прашања дали и како можат да влијаат врз откупната цена на житото и колку Македонија е зависна од увоз на жито од Србија, не добивме одговор иако секојдневно на е-пошта ни стигаат информации за неговата активност.

    Владата до денес нема донесено одлука дали го прифаќа прелогот на Министерството за земјоделство за дополнителни 3 денари поддршка за продаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во период до 31 август 2023 година. На последните владини седници како поддршка на домашното производство беа донесени неколку одлуки за изменување и дополнување на финансиска поддршка за складирање на земјоделски производи. Станува збор за зголемување на поддршката за складирање за пченица и јачмен од 60 денари на 120 денари по тон за месец, со вклучен ДДВ. Исто така, Владата, ја задолжи Агенцијата за стокови резерви, планираната јавна набавка на 15.000 тони пченица, за потребите на стоковите резерви, наместо во еден, да биде поделена во пет лотови, со продолжен рок на набавката за дополнителни десет дена.

    „Целта на оваа Одлука е натамошна поддршка на домашното производство и поголем мотив за земјоделците да остварат поголем принос од пченица и јачмен, а домашното производство да се насочи кон домашните капацитети. Се очекува, со самиот почеток на откупот, пазарот на жита да се стабилизира“, соопштија од Владата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира