ЕКО-БРОДОТ ВО ПРЕСПА НЕ РАБОТИ ОТИ НЕМА ДОВОЛНО ВОДА ВО ЕЗЕРОТО ЗА ДА СЕ СПУШТИ

ЕКО-БРОДОТ ВО ПРЕСПА НЕ РАБОТИ ОТИ НЕМА ДОВОЛНО ВОДА ВО ЕЗЕРОТО ЗА ДА СЕ СПУШТИВодостојот на Преспанското Езеро сега е за 2,5 метри под нормалниот (Фото: СДК.МК)

Еко-бродот за мониторинг на Преспанското Езеро во моментов е вон функција, зашто езерската вода во село Стење каде што е стациониран е доста повлечена, па не може да се спушти, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК раководителот на Секторот за животна средина во Општина Ресен, Ајман Ал Малла. Сепак, мостри од Езерото се земаат на други начини и мониторингот продолжува.

И покрај проблемите со еко-бродот, квалитетот на водата редовно се проверува (Фото: СДК.МК)

Еко-бродот е надвор од функција затоа што водата во село Стење е доста повлечена. Сепак, мониторинг станицата во Стење функционира, и тоа од пред пет години и врши мониторинг на квалитетот на водите во сливот на езерото, како и во самото езеро. Анализите ги вршиме двапати месечно од постојани мерни точки, како во езерото, така и во сливното подрачје. Станицата располага со биолошка и хемиска лабораторија. Резултатите укажуваат на добар квалитет на водата во многу параметри кои ги анализираме“, вели Ал Малла.

Еко-бродот првпат беше пуштен во вода во 2013 (Фото: СДК.МК)

Еко бродот и станицата за мониторинг беа набавени преку проект за заштита на Преспанското Езеро со средства на Швајцарската агенција за развој и УНДП.

Како една од причините за намален водостој на Преспанското Езеро надлежните ги посочуваат климатските промени. Поголеми температурни варијации се манифистирани преку продолжени топлотни бранови и ненадејни намалувања на температури и како резултат на тоа се јавуваат големи аномалии во однос на количеството, интензитетот, времето на појава, просторната дистрибуција и видот на врнежите.

Една од причините за намалениот водостој на Преспанското Езеро се климатските промени (Фото: СДК.МК)

„Прво, водостојот на Преспанското Езеро е драстично намален во последните 20 години и повеќе, а најголем пад на нивото има во моментот и изнесува околу 2,5 метри под нормалниот водостој. Во мај 2016 водостојот беше намален за 1,1 метар. Таквиот тренд продолжи до првата половина на 2017, додека во август 2108 висината беше намалена за 1,66 метри“, вели Ал Малла.

Сепак, тој посочува дека климатските промени се глобален проблем и дека се преземаат соодветни мерки за да се намалат негативните ефекти врз Преспанското Езеро и околината.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира