КАСАМИ ГИ РЕНОВИРА УЛИЦИТЕ, А СТАРИОТ АСФАЛТ СЕ ФРЛА НА ШАПКА, РЕАГИРААТ ОД НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА

    КАСАМИ ГИ РЕНОВИРА УЛИЦИТЕ, А СТАРИОТ АСФАЛТ СЕ ФРЛА НА ШАПКА, РЕАГИРААТ ОД НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНАОд НП Шар Планина велат дека асфалтот се фрла на простор над викенд населбата (Фото: СДК.МК)

    Минатата недела, градоначалникот на Тетово, Билал Касами, се пофали дека по многу години е започната реконструкција на патната мрежа во викенд населбата на Попова Шапка. Во првата фаза се симнува стариот асфалт, а потоа ќе следи и поставување нова асфалтна подлога.

    На оваа активност на Општина Тетово реагираат од јавната установа Национален парк Шар Планина, обвинувајќи го Касами дека несовесно се однесува со природата на Попова Шапка. Оттаму велат дека асфалтот што се корне се фрла на простор над викенд населбата, со што се загадува околината.

    „Работите почнаа со гребење на постоечкиот асфалт. Да, ќе речете, капитална инвестиција, со цел да се подобри инфраструктурата. Но, треба да ја прашаме општината каде и како го осмисли депонирањето на овој цврст и штетен отпад. За жал, целиот овој материјал, заедно со отпадот што се извлекува од овој пат, завршува на Попова Шапка. Оваа еколошка катастрофа добива поголеми размери ако земеме предвид дека на истата локација минатата година беше направено чистење на градежниот шут со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање. За истата локација, на 17 јуни, надлежните од Општина Тетово изјавија дека бараат од жителите да не ја повторуваат истата грешка и отпадот да не се фрла на јавен имот“, изјави директорот на Националниот парк Шар Планина, Ибрахим Дехари.

    Касами неодамна најави дека ќе се менува асфалтот во сите улици во викенд населбата, а ќе се гради и дополнителен влез во населбата, за да се избегнат сообраќајните гужви.

    З. АНДОНОВ

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира