Македонија не треба да ја прави грешката на Европската Унија и да стане презависна од гас, туку треба да ги искористи своите географски поволности и да се насочи кон развојот на обновливи извори на енергија, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.
Реакцијата на „Еко-свест“ првенствено се однесува на проектот за интерконектор, нов гасовод меѓу Грција и Македонија, поддржан од европските инвестициски банки, со кој, како што велат, земјава се тера да ја зголеми својата потрошувачка на гас.
„Во јавноста цело време се користи терминот природен гас место фосилен гас и се пласира информацијата дека со префрлање на гас како енергенс ќе имаме чист воздух. Државата го смета гасот за транзиционо гориво, но се планираат инвестиции и до милијарда евра во гасната инфраструктура, сметајќи дека сите домаќинства треба да се приклучат на гас. Ако тие средства се насочат во фосилни горива, државата ќе ја изгуби шансата за вистинска зелена транзиција“, велат од „Еко-свест“.
Интерконекторот Грција-Македонија треба да се протега во должина од 70 километри, на македонската страна до Неготино и најавено е дека со него ќе се транспортира и водород, иако, како што велат од „Еко-свест“, околу ова „гориво на иднината“ и натаму постојат многу дилеми.
„Новиот гасовод неколкукратно ќе ја зголеми сегашната потрошувачка на гас во земјата. Македонија е мала и тоа е предност веднаш да се насочи кон развојот на обновливи извори на енергија и електрификација, но проблемот е политичка одлучност. Место да се гради нов гасовод, има услови да се зголеми капацитетот на постојниот гасовод од Бугарија“, велат од регионалната организација „Бенквоч“, која е партнер на „Еко-свест“.
Тие веќе имаат поднесено три жалби во врска со новиот интерконектор, од кои една се однесува на тоа што не била направена проценка на неговото влијание врз животната средина и немало јавни консултации.
Г. КОНЕВ