Младиот кромид од Велешко остана по нивите. Годинава со најслаб пласман, каков што досега не помнат ниту најстарите жители на Башино Село, кое е најголемиот одгледувач на оваа градинарска култура во земјава. Во селото од 200 куќи, 140 се одгледуваат млад кромид.
Но, пазарџиите велат дека годинава како никогаш порано младиот лук се бара повеќе од младиот кромид, оти луѓето сметаат дека лукот е заштита од коронавирусот, иако Светската здравствена организација (СЗО) негира такво лековито својство.
Иако во овој период од годината кога ќе се посетеше Башино Село силно се чувствуваше миризбата на младиот кромид кој го обработуваа мешаните, годинава мирисот го нема.
„За жал, ниту нас не не` одмина кризата која ја предизвика коронавирусот. Нема откуп за Хрватска, кој вообичаено беше пред нивниот католички Велигден. Доаѓаат некои откупувачи од Скопје ама и тие се малку, така што кромидот се бере за на пазар и се знае колку може да се продаде. Градот има толку жители, поради короната нема многу купувачи и затоа го оставивме по нивите. Толку труд и мака вложивме, а многу малку добивме назад“, вели жител на Башино Село.
Слична е состојбата и со одгледувачите од селата Караслари, Дурутовец. Цената по која се откупува сноп од 50 врзопа млад кромид е 100 денари, што е најмала откако тие помнат. Во 2017 се откупувал за 350 денари од сноп, лани 250.
Затоа пак, е забележлив зголемениот интерес за купување на младиот лук.
„Досега не помнам дека младиот лук се барал повеќе од младиот кромид. Но годинава е така, тој повеќе се купува. Муштериите велат имал влијание врз коронавирусот“, вели продавач од пазарот во Велес.
П. ПЕЧКОВ