НА СТРУМИЧКИТЕ ПИПЕРКИ ИМ ТРЕБА ЗАШТИТА ОД УВ ЗРАЧЕЊЕ, СÈ ПОМАЛКУ РОД НА ОТВОРЕНО ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

НА СТРУМИЧКИТЕ ПИПЕРКИ ИМ ТРЕБА ЗАШТИТА ОД УВ ЗРАЧЕЊЕ, СÈ ПОМАЛКУ РОД НА ОТВОРЕНО ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИОгромното ултравиолетово зрачење преку лето, наглите температурни разлики и поројните дождови предизвикуваат болести, деформитети кај плодовите и сушење на цели земјоделски површини (Фото: СДК.МК)

Високите температури го преполовуваат градинарското производство во струмичкиот регион, иако земјоделците применуваат нови сортни семиња на култури кои се поиздржливи и поотпорни на климатски промени.

Но, последиците од директното изложување на сонце од година во година стануваат сѐ поголеми поради што во овој најградинарски регион ретко можат да се видат површини со домати или пиперки на отворено. Огромното ултравиолетово зрачење преку лето, наглите температурни разлики и поројните дождови предизвикуваат разновидни болести, деформитети кај плодовите и сушење на цели земјоделски површини. Ова на своја кожа годинава го почувствува и Димитар Попов од Ангелци, кој тврди дека годинава не успеал да ги покрие ниту трошоците за производство.

Последниве години во Струмичко, градинарското производство од отворено почна да се сели под пластеници (Фото: СДК.МК)

„Оваа година имав околу половина хектар црвена пиперка на отворено. Сѐ беше добро до втората половина на јули, кога растенијата беа во фаза на раст и плодење. Кога температурите стасаа до 40 степени, растенијата почнаа да го исфрлуваат цветот, а плодовите да растат со црни или бели флеки, за да во рок од две седмици, производството почне да се суши. Така место 15 тони пиперки, едвај набрав два, а вложив над 1.000 евра во биохемиска заштита и во наводнување“, раскажува Попов.

Токму поради високите температури и директната изложеност на сонце, последниве години во Струмичко, градинарското производство од отворено почна да се сели под пластеници, со цел колку-толку да се заштити од надворешните влијанија. Се користат полиетиленски платна кои го спречуваат ултравиолетовото зрачење, а ја задржуваат влагата во затворен простор. Но, при овој тип на производство сѐ поизразени се заболувањата на растенијата.

Заштитните УВ-мрежи важат за најефикасна заштита како на отворено, така и за пластеници (Фото: СДК.МК)

„Растенијата се заштитени од ветер и дожд, но не и од високите температури. Ако надвор е +40, замислете колкава е температурата под пластеник без соодветна вентилација. Се обидуваме да вршиме засенчување со вар или кал, односно бојадисување на пластениците, но ефектите се слаби. Сѐ почесто доаѓа до ‘варење‘ на растенијата“, тврди Ило Костов, земјоделец од Добрејци.

Земјоделските здруженија од Струмичко предупредуваат дека на земјоделците мора да им се објасни кои мерки да ги преземаат, а таа одговорност да ја преземе Агенцијата за заштита и развој на земјоделското производство, оти земјоделците сѐ уште лутаат и не знаат како да се справат со климатските влијанија. Тврдат дека применуваат некои мерки, иако не ги знаат нивните ефекти.

Место 15 тони пиперки, едвај набрав два, се жали Димитар Попов од населеното место Ангелци (Фото: СДК.МК)

„Дефинитивно треба теренска посетеност и објаснување кои мерки земјоделците треба да ги применуваат, оти вака, тие само ќе се мачат, а производство ќе нема. Ние и натаму само слушаме и гледаме што прави комшијата, па и ние го правиме тоа. Нема кој соодветно да објасни колку сето тоа е исправно или не. Алармирам дека науката треба да најде место во земјоделството, да не одат градинарите по институции, туку тие да се симнат меѓу земјоделците и да кажат што и како треба“, вели Борис Зекиров, земјоделец од Ново Село.

Професорот на Штипскиот универзитет Душан Спасов вели дека најефикасна заштита се заштитните мрежи, како на отворено, така и за пластеници, кои спречуваат директно изложување на производството на сонце, а температурите за неколку степени се пониски во тој простор.

„Европските земјоделци одамна ги користаат заштитните УВ-мрежи и тоа на лозови и овошни насади, каде ефектите се далеку поголеми. Тие можат да најдат примена и во градинарството, независно дали производството е под пластеници или не. Но, последниве години, за жал, како да се раскина врската помеѓу науката и примарното земјоделско производство. Дел од нашите истражувања за климатските влијанија можат да најдат примена на терен, но тоа треба да биде преку Агенцијата за развој на земјоделството“, изјави професорот Спасов.

Во најградинарскиот регион во Македонија сѐ поретко можат да се видат површини со домати или пиперки на отворено (Фото: СДК.МК)

Пред неколку години, преку Мрежата за рурален развој, заштитни УВ-мрежи инсталираше Томе Тимов на неколку пластеници со домати. Како што вели тој, резултатите биле далеку од очекуваното во поглед на намалување на последиците на климатските влијанија. Не се појавиле деформитети на плодовите од високите температури, ниту, пак, имало исфрлање на цветовите.

„Заштитеното производство од надворешно влијание дава поголеми приноси, а, згора на сѐ, се намалуваат и трошоците за негово биохемиско третирање, бидејки болестите се сведуваат на минимум. Секако заштитните мрежи се само еден сегмент и затоа земјоделците треба да се стремат кон современо производство“, вели Тимов, кој преку здружението „Хорти еко“ се обидува да им пренесе на земјоделците нови методи на заштита од климатските влијанија.

Земјоделците многу ретко користат заштитни УВ-мрежи, иако тие можат да се добијат и преку ИПАРД 2 програмата. Освен заштитните мрежи, можат да се набават и системи за наводнување капка по капка, опрема за создавање пареа, распрскување, но и за заштита на животната средина за енергетска ефикасност во земјоделското произвдоство и соодветно третирање на растителниот отпад во биогасни централи.

В. ТРАЈКОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира