СЕ ПОЈАВИ ПЕЛИСТЕРСКИОТ ВОДОПАД, ПОЛН СО ВОДА ОД СНЕГОТ НА БАБА ПЛАНИНА

    СЕ ПОЈАВИ ПЕЛИСТЕРСКИОТ ВОДОПАД, ПОЛН СО ВОДА ОД СНЕГОТ НА БАБА ПЛАНИНАСместен на надморска височина од 1.550 метри, на 3,5 километри оддалеченост од село Ниже Поле под месноста Црвени Стени, водопадот деновиве е атракција за посетителите. (Фото: Ј. Илиевски)

    Пролетва посетителите на Пелистер имаат ретка можност да го видат Пелистерскиот Водопад, кој се јавува само во овој период од годината полнејќи се со вода од топењето на снегот на Баба Планина. Сместен на надморска височина од 1.550 метри, на 3,5 километри оддалеченост од село Ниже Поле под месноста Црвени Стени, водопадот деновиве е атракција за посетителите.

    Патеката до таму не е обележана и потребно е движење со некој поискусен планинар или некој кој веќе бил кај водопадот. (Фото: Ј. Илиевски)

    „Се стигнува со пешачење од час и половина до два од село Ниже Поле до под месноста Црвени Стени. Деновиве е доста посетен од планинари кои знаат за местото, а доаѓаат и рекреативци кои за првпат го посетуваат водопадот. Сите се враќаат задоволни, со многу импресии од прекрасните видици кон долината на Црвена Река и околните врвови на Пелистер. Напоменувам дека патеката до таму не е обележана и потребно е движење со некој поискусен планинар или некој кој веќе бил кај водопадот“, вели познатиот битолски планинар Јонче Илиевски-Мурат.

    Количината на вода е различна, некои денови ја има помалку, а во други повеќе во зависност од интензитетот на топење на снегот. (Фото: Ј. Илиевски)

    Водопадот се создава од топењето на снегот од врвот на Баба викан Илинден. Количината на вода е различна, некои денови ја има помалку, а во други повеќе во зависност од интензитетот на топење на снегот. Водата од водопадот се влева во Црвена Река која, исто така, овие денови е полна со вода.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира