Следниот месец започнува постапката за повторно прогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, објави Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“. Овој статус ќе ги опфати и долниот тек на реката Вардар и нејзините притоки во ова подрачје.
„Минатата година имавме разговори со локалната заедница, граѓаните на Демир Капија, Општината и со Советот на Општината, така што успеавне да се сретнеме со сите релевантни чинители. Како резултат на ова, Советот на Општината ја изгласа иницијативата за отпочнување на процесот за повторно прогласување на клисурата за заштитено подрачје“, изјави програмскиот координатор за води во „Еко-свест“, Ѓорѓи Митревски.
Пред нова година, иницијативата била поднесена и во Министерството за животна средина, од каде што стигна позитивен одговор.
„Министерството ја прифати и ја стави во својот годишен план за 2024. Така што, во почетокот на април и официјално започнуваме со процесот на маркирање и димензионирање на подрачјето, по што ќе следи изработка на студија за валоризација на вредностите на подрачјето и на социо-економска студија, што ќе биде вовед во процесот на прогласување“, кажа Митревски.
Г. КОНЕВ