СО СЕЛЕКТИРАЊЕ И РЕЦИКЛИРАЊЕ ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ВЕВЧАНИ ЌЕ ИЗРАБОТУВА СУВЕНИРИ СО 3Д ПЕЧАТАР

    СО СЕЛЕКТИРАЊЕ И РЕЦИКЛИРАЊЕ ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ВЕВЧАНИ ЌЕ ИЗРАБОТУВА СУВЕНИРИ СО 3Д ПЕЧАТАРНа фреквентните локации низ Вевчани ќе се постават корпи за селекција на отпад. (Фото: Еко-свет)

    Од отпадот во Вевчани ќе се прават сувенири. Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ во партнерство со Јавното претпријатие за комунални дејности и облагодарување на природните ресурси „Еремја“ од Вевчани го започна проектот за подобро управување со отпадот од пластика насловен како „Собери, рециклирај, креирај – од рециклирана пластика до иновација“.

    Проектот предвидува на фреквентните локации низ Вевчани да се постават корпи за селекција на отпад, со што ќе се намали количеството на неселектиран отпад којшто завршува во депониите. Ќе се набави дробилка за цврст отпад со која ќе може да се дроби собраниот отпад и да се намали неговиот габарит. Проектот вклучува и иновативен третман на отпадот од пластика со 3Д печатење.

    „Ќе го воведеме 3Д печатењето како начин за рециклирање на пластиката. Што е уште поинтересно, а материјалот потребен за 3Д печатење ќе го изработуваме од селектираните пластични шишиња. Изработката на разни предмети, едукативни помагала и сувенири со 3Д печатар, ќе го продолжи работниот век на пластиката, а тоа ќе допринесе до реупотреба на пластичните материјали и зголемување на нивната вредност“, вели проектната координаторка Леонора Велкоска.

    Завршната активност на проектот ќе биде подигнување на јавната свест кај населението за правилно селектирање и рециклирање на отпадот од пластика преку информирање и едукација. Тука ќе бидат вклучени и учениците од основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани преку едукативните работилници за правилна селекција на отпадот и рециклирање на пластичните шишиња.

    „Реализацијата на овој проект ќе поттикне промени во однос на управувањето со отпадот. Со одржување на добрите практики што ќе бидат спроведени во истиот, локалното население ќе биде информирано како правилно да го одлага, селектира и рециклира отпадот. Ова ќе резултира во подобра примена на селекцијата на отпадот и намалување на загадувањето на околината. Исто така, подобрената инфраструктура за селекција и третман на отпадот ќе резултира во намалени трошоци за транспорт на отпадот за јавното комунално претпријатие. Тоа ќе доведе до нивна поголема финансиска стабилност и компетентност, што ќе создаде поголем простор за развој и нови инвестиции за одржливи и еколошки практики во ЈП Еремја. Од друга страна знаењето што ќе го стекнат учениците за време на проектот, ќе овозможи идните генерации да се активни чинители во управувањето со отпадот“, додава Велкоска.

    Периодот е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) и трае 12 месеци.

    „Бидејќи Вевчани е место посетувано од голем број туристи, добрите практики што ќе бидат вклучени во проектот ќе се однесуваат, не само на локалното население, туку и на посетителите“, велат од „Еко-свест“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира