Тетовскиот грав некогаш беше синоним за Тетово, а денес е на пат целосно да исчезне. Сè потешко може да се најде на полошките ниви, бидејќи ретки се земјоделците кои го садат. Климатските промени доведоа до тоа тетовскиот грав да е пред исчезнување.
Манифестацијата „Ден на гравот“, која се одржува во тетовското село Теарце, е само еден скромен обид да се сврти вниманието на јавноста дека надалеку прочуениот тетовски грав можеби веќе утре ќе го снема од нашите ниви и нашите трпези. Манифестацијата оваа година се одржа дванаесетти пат, и по традиција собра голем број посетители од Теарце, околните села, од Тетово, а имаше дури и посетители од странство.
Во големиот казан се вареа дваесетина килограми грав кој беше наменет за сите гости на манифестацијата. Повеќе години, гравот за оваа манифестација го подготвува Мирко Ѓорѓевски од Теарце.
„Малите хидроцентрали кои ги изградија ни ја уништија водата и веќе ретко кој сади грав. Ако немаш добра вода немаш ни добар грав. Исто така и топлото време, посебно какво беше оваа година, си го направи своето и го исуши и она малку грав кое го имаше по нивите. Порано, од еден декар се собираше над 100 килограми грав, но денес од нива со иста големина може да се собере најмногу триесетина килограми. Затоа веќе не го садам гравот, едноставно не се исплати ни патот што го одиш до нивата, ни трудот што го вложуваш. На пазар се продава грав и продавачите велат дека е тетовски, но тоа најчесто е грав увезен од Узбекистан или од којзнае каде, кој нема врска со тетовскиот грав“, вели Ѓорѓевски.
Сепак, за одржување на манифестацијата „Ден на гравот“ се најдоа доволни количини грав кои Мирко Ѓорѓевски и оваа година мајсторки го подготви. Тој ја открива и тајната за тоа како се подготвува тетовскиот грав.
„Во овој казан има над 20 килограми тетовски грав и тоа ќе биде доволно за околу 350 порции, колку што и секоја година подготвуваме за оваа манифестација. Во гравот ставив 5 килограми пиперки, 3 килограми морков, кромид, мирудии, магдонос и на крајот запршка. Бидејќи ова е голема количина, гравот го варевме околу 5 часа, но во домашни услови, за ручек на едно семејство, едно кило квалитетен тетовски грав е сварен за еден час“, вели Ѓорѓевски.
Со години, на манифестацијата „Денови на гравот“ Сретко Анчевски од село Доброште поставува тезга на која освен повеќе видови овошје и зеленчук имаше и грав. Тој и оваа година ја постави тезгата, но на неа немаше грав за продажба.
„Годинава со гравот е вистинска катастрофа. Временските услови си го направија своето. Ако температурата се искачи над 35 степени, тоа е крајно лошо за гравот. А, ова лето беше токму такво, топло. Најверојатно поради климата, грав нема во цела тетовска околија, има нешто накај Гостивар и овие повисоките села каде е поладно. Но, не само тоа, во последно време гравот го нападнаа разни штетници кои порано ги немаше. Порано цели амбари, камиони, трактори сме полнеле со грав, а сега го нема ни за лек. Пред петнаесет години сум садел хектар и половина грав и можело да се собере 2.000 килограми грав па и повеќе. Но, оттогаш почна од година во година да се намалува приносот од гравот. Јас сум на 70-годишна возраст и не паметам дека било вака. Од тетовскиот грав остана само името и сеќавањето“, вели Анчевски.
На манифестацијата „Ден на гравот“ беше и заменик-министерот за земјоделие Флакрон Беџети, кој зборуваше за значењето на гравот како земјоделска култура и за субвенциите кои државата ги дава на производителите на грав, но како стојат работите со тетовскиот грав, лесно може да се случи државата да нема кому да даде субвенции.
Како и секоја манифестација, така и оваа заврши со настап на играорни групи од овој крај. На заедничка трпеза се проба гравчето кое тука беше подготвено, а на крај сето тоа се заслади со домашно подготвена алва, направена од мајстор Адем Халити од Теарце. Така заврши уште едно издание на манифестацијата „Ден на гравот“, со надеж дека идната година ќе биде барем малку подобра за тетовскиот грав.
З. АНДОНОВ