ТРСКАТА И ОСТРОВЧИЊАТА ШТО СЕ ПОЈАВИЈА ПОРАДИ ТОПЛОТО ВРЕМЕ, РАЈ ЗА ПТИЦИТЕ ВО ПРЕСПА

ТРСКАТА И ОСТРОВЧИЊАТА ШТО СЕ ПОЈАВИЈА ПОРАДИ ТОПЛОТО ВРЕМЕ, РАЈ ЗА ПТИЦИТЕ ВО ПРЕСПАЈата од птици одмораат на островите од земја и камења, што се издигаат над водата поради нискиот водостој (Фото: Ѓ. Личовски)

Новите островчиња и проширените појаси со трска, кои се појавија на Преспанското Езеро со повлекувањето на вoдата, се рај за птиците. Во овoј период од годината, кога и туристите заминаа, тие загосподарија со езерото. Јата од птици нуркачи, галеби, корморани и патки прелетуваат над езерото и одмораат на островите од земја и камења, што се издигаат над водата поради нискиот водостој. Просторот е исполнет со птичји цвркот и пискот.

Преспанци раскажуваат дека бројот на птичји јата е во пораст во последните години.

„Како да им годи трската и тоа што делови од езерото со повлекувањето почнаа да наликуваат на мочуриште. Но, факт е дека езерото, и покрај моменталните состојби, е богато со риба и птиците имаат со што да се хранат. Им помагаат на рибарите да дојдат полесно до рибата. Онаму каде што се збрани, знаеме дека има риба“, вели Миле Јовановски од Преспа.

Во Преспа има 216 видови на птици, забележани во Паркот на природата Езерани и Преспанско Езеро или 66 проценти од вкупниот број птици во земјава. Тоа, пак, е 42% од птичјата популација во Европа.

Во Преспа има 216 видови на птици, 42% од птичјата популација во Европа (Фото: Ѓ. Личовски)

„Нам птиците ни се како друшки. Ем се храниме од езерото, ем со него биеме битка кога ќе нѐ фати невреме. Додека пловиме со чуновите низ езерската шир, единствени што ќе те пресретнат се птиците“, раскажуваат рибарите.

Македонското еколошко друштво, во рамките на Проектот за заштита на прелетните патишта на водните птици, во ноември 2013 година на Преспанското Езеро изброја 24.450 единки од 18 видови водни птици. Најголем број од нив беа лиски, цуцлести и црвеноврати нуркачи, езерски и жолтоноги галеби, мали корморани и неколку вида патки. Но, имало само неколку единки од големиот северен нуркач, кадроглавиот пеликан, големите бели и сиви чапји и од барска и зеленонога блатна кокошка.

Преспанци раскажуваат дека бројот на птичји јата е во пораст во последните години (Фото: Ѓ. Личовски)

Царот на овие водени простори, далматинскиот пеликан, според еколошките истражувања, застапен со 1.600 регистрирани парови, живее, се гнезди и се размножува на територијата на Преспанското Езеро.

Зголемената популација на птици, според раководителот на Секторот за животна средина во Општина Ресен Ајман Ал Малла, е последица на тоа што запира трендот на деградација на Преспанското Езеро, постепено се обновуваат неговите природни функции, а забележано е и големо подобрување на квалитетот на водата. Мерењата покажуваат намалување на концентрациите на фосфор и азот, како и зголемување на растворениот кислород и на провидноста на водата.

И покрај моменталните состојби, езерото е богато со риба, па птиците имаат со што да се хранат (Фото: Ѓ. Личовски)

„Најновите сознанија откриваат многу поповолна ситуација и во однос на популациите на рибите. Се забележува зголемување на уделот на автохтоните видови риби на сметка на воведените (алохтони), кои до пред неколку години беа застапени во многу поголем процент. Според стручните лица, тоа во голема мера се должи на спроведените мерки и на обновувањето на природните услови за живот во езерото“, вели Ал Малла.

Преку повеќе проекти во последните 15 години вложени се 15 милиони долари, поголемиот дел обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, дел од Глобалниот фонд за животната средина, УНДП и други извори за заштита на езерото.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира