ВО СКОПСКИ КИЦ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА НА ФОТОГРАФИИ „ЖИВОТИ ОБЛИКУВАНИ ОД ВОДА“ ЗА ВРСКАТА ПОМЕЃУ ЛУЃЕТО И РЕКИТЕ

    ВО СКОПСКИ КИЦ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА НА ФОТОГРАФИИ „ЖИВОТИ ОБЛИКУВАНИ ОД ВОДА“ ЗА ВРСКАТА ПОМЕЃУ ЛУЃЕТО И РЕКИТЕНа изложбата ќе бидат претставени дела на седуммина фотографи од регионот

    Во галеријата на Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје, вечерва во 19 часот се отвора изложбата „Животи обликувани од вода”, на која ќе бидат претставени дела на седуммина фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.

    Изложбата раскажува приказна за непрекинатите врски помеѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и различни гласови и идентитети кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките“, стои во најавата на изложбата.

    Таа е дел од иницијативата „Заедно за реките”, чија цел е заштитата на повеќе од 400 километри реки во регионот. Поддржана е од една од најважните меѓународни организации за заштита на природата The Nature Conservancy, а се реализира во соработка со „Еко-свест“ од Македонија и други организации од регионот.

    Во рамките на оваа иницијатива, „Еко-свест“, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на Демиркаписката Клисура и дел од долниот тек на Вардар со нејзините притоки.

    Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври, а влезот е бесплатен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира