ВО СТРЕЖЕВСКОТО ЕЗЕРО ДОТЕКУВА ПОМАЛКУ ВОДА, А ПОВЕЌЕ СЕ ИСПОРАЧУВА ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПРОСЕЧНИ ТЕМПЕРАТУРИ

    ВО СТРЕЖЕВСКОТО ЕЗЕРО ДОТЕКУВА ПОМАЛКУ ВОДА, А ПОВЕЌЕ СЕ ИСПОРАЧУВА ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПРОСЕЧНИ ТЕМПЕРАТУРИПросечниот истек се зголемува, што при ист или намален обем на наводнувано земјоделско земјиште главно се должи на зголемувањето на просечните температури. (Фото: ЈП „Стрежево“)

    Се намалува просечниот воден доток во хидроакумулацијата „Стрежево“ од каде Битола, РЕК и другата индустрија и земјоделството се снабдуваат со вода. На сметка на тоа се зголемува просечниот истек, особено кон земјоделството. Според Илија Кондински, дипломиран градежен инженер од Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со акумулацијата, ваквата состојба се должи на климатските промени, односно на намалувањето на врнежите и зголемувањето на просечните температури.

    „Нема пораст на површините за наводнување, а има пораст на потребата за вода. Од анализите направени во два десетгодишни периоди: прва декада од 2001 до 2010 година и втора декада од 2011 до 2020 година, гледано споредбено, просечниот доток во акумулацијата се намалува, што се должи на намалувањето на врнежите. Просечниот истек се зголемува, што при ист или намален обем на наводнувано земјоделско земјиште главно се должи на зголемувањето на просечните температури“, вели Кондински.

    Ваквата состојба се должи на климатските промени, односно на намалувањето на врнежите и зголемувањето на просечните температури. (Фото: Табела на ЈП „Стрежево“)

    Годишно за наводнување на земјоделските површини се трошат до 35 милиони кубни метри вода од акумулацијата, што е скоро една третина од водниот потенцијал на Езерото, чиј корисен волумен се движи до 110 милиони кубни метри вода.

    „Последните години се зачестени тропските денови со температура над 30 степени. Имаше во последните години повеќе такви серии, секоја од нив со по 4 до 5 денови и тогаш потрошувачката на вода е многу голема“, додава Кондински.

    Годишно за наводнување на земјоделските површини се трошат до 35 милиони кубни метри вода од акумулацијата, што е скоро една третина од водниот потенцијал на Езерото. (Фото: ЈП „Стрежево“)

    Според интерната метеоролошка станица на браната „Стрежево“, дотокот на вода во втората декада во однос на првата е намален за 8, 7 милиони кубни метри вода. Ако се земе во предвид дека годишно за градскиот водовод се испорачуваат околу 4 милиони кубни метри вода, тоа е двојно повеќе од годишната испорака на вода од Стрежево за „Водовод“.

    Акумулациите за вода се најмоќното оружје во справувањето со последиците од климатските промени. (Фото: ЈП „Стрежево“)

    Додека дотекот се намалува, зголемен е истекот на водата за 1,5 милиони кубни метри. Што се однесува на просечните годишни врнежи дожд тие во првата декада од 21 век изнесувале 759 милиметри на квадратен метар, а во втората 715 или за 50 помалку. Просечните средногодишни температури се зголемени за 1,3 степани Целзиусови, просечните максималните се искачиле до 36,2 степени Целзиусови, а просечните минимални се зголемиле за три степни.

    „Акумулациите за вода се најмоќното оружје во справувањето со последиците од климатските промени. Со изградбата на акумулацијата ‘Стрежево’ се реши хроничнот проблем со недостиг на вода за пиење во Битола и Битолскиот Регион, а се овозможи и вода за наводнување на битолскиот дел од Пелагонија. Други мерки во борбата со овие промени се рационалното користење на водата, преку техники кои ги намалуваат загубите на вода при наводнување со вештачки дожд, наводнување капка по капка и друго“, вели Кондински.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира