Кривична пријава за загадување на животната средина против генералниот директор на ЕЛЕМ и менаџерскиот тим во РЕК „Битола“ до Основното јавно обвинителство во Битола поднесе Здружението „За нас се работи”, по тригодишна битка за почист воздух во Битола. Кривичната пријава е поднесена против Христијан Мицковски, прв човек на ЕЛЕМ, Иван Куковски директор на РЕК, Тони Паспаловски директор за развој и инвестиции во РЕК, Панде Петковски директор на рудниците, Симо Атанасов директор на отпепелување во РЕК и Лидија Поповска одговорно лице на ХТВ лабораторија во РЕК.
„Кривичната пријава се поднесува зашто во периодот од 2010 година до денес на сопствената депонија која се наоѓа во непосредна близина на РЕК, при одложувањето на отпадот во вид на пепел и згура кои се карактеризираат како опасни и радиоактивни, несовесно и со непреземање на мерки на заштита на животна средина, повеќе пати при појава на појак ветер не го спречија проширувањето на опасен и радиоактивен отпад надвор од депонијата, и со распространување низ Пелагониската котлина и селата го загадија воздухот, водата и почвата, со што се предизвика опасност за здравјето и животот на луѓето и другиот жив свет“, рече Иван Чулаковски од „За нас се работи”.
Тој додаде дека раководството на ЕЛЕМ и РЕК или од невнимание или по наредба на некого преќутиле за геноцидот на битолчани предизвикан од загадувањето.
Илија Балтовски активист во здружението изрази надеж дека ОЈО во најкраток можен рок ќе отвори истражна постапка преку која ќе се утврди вината за неодговорноста и нестандардизираниот процес на производство на електрична енергија во РЕК.
„Сакаме да апелираме дека кривичната пријава е почеток на судски процес кој, доколку е потребно, ќе стигне и до меѓународните судови“, рече Балтовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА