Прекуграничното управување и зачувувањето на кафеавата мечка во Динаро-Пиндскиот Регион е главната цел на новиот проект LIFE DinPin Bear, што до 2031 година ќе го спроведуваат девет европски држави, вклучително и Македонија, под водство и координација на германската организација „ЕуроНатур“. Македонското еколошко друштво (МЕД) и Министерството за животна средина и просторно планирање беа меѓу 50-ината учесници од 21 партнерска организација, кои учествуваа на првата проектна средба во Будва, Црна Гора.
Динаро-пиндската популација на кафеавата мечка се протега низ Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија. Со околу 4.000 единки, ова е најголемата популација на мечки во Европа.
„Преку научен пристап и методологија, првпат ќе се направи мониторинг на кафеавата мечка во Македонија. Овој проект ќе ни даде одговори на повеќе прашања за нејзините живеалишта, популација и улога во екосистемот, вклучително и на прашањето колку мечки живеат во македонските шуми“, вели Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.



