НАД 50 ОТСТО ИЗЛЕЗНОСТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА, ИСПОЛНЕТ ЗАКОНСКИОТ ПРАГ

    НАД 50 ОТСТО ИЗЛЕЗНОСТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА, ИСПОЛНЕТ ЗАКОНСКИОТ ПРАГДека е исполнет законскиот праг потврдија и од Општинската изборна комисија (ОИК) и велат дека до 17 часот излезноста е 58 отсто (Фото: СДК.МК)

    Референдумот во Гевгелија го исполни законскиот праг за да биде успешен. Според последните информации од избирачките одбори, на 37-те избирачки места излезени се повеќе од 50 отсто од запишаните 19.458 граѓани со право на глас. Ова се информации од избирачките одбори каде излезноста до 17 часот се движела  од 50 до 60 отсто од запишаните гевгеличани во единствениот избирачки список.

    Информацијата дека е исполнет законскиот праг ја потврдија и од Општинската изборна комисија (ОИК) од каде тврдат дека излезноста е 58 отсто. Досега нема реакција ниту пак пријавено или регистрирано било какови проблеми на гласачките места.

    Граѓаните излегуваат и се изјаснуваат дали се за или против изградба на рудници за злато на планината Кожуф и сметаат дека ова е добар начин освен за политичари да гласаат и за важни работи кои треба да се случуваат во нивната заедница.

    „Ова е демократско наше право. Излегов за да гласам за мојата иднина и идината на моите деца“, вели Васка Смилкова која гласаше во градската библиотека.

    „Добро е што имаме можност ние да одлучуваме. Не сум сигурен колку овој референдум ќе има правна основа, но ќе се знае ставот на граѓаните по прашањето за рудници“, рече Мирче Гогов кој гласаше во гевгелискиот суд.

    Референдумот во Гевгелија го иницираа граѓански активисти, а одлука за негова реализација донесе Советот на Општина Гевгелија. Граѓаните се изјаснуваат дали да се дозволи експлоатација на минералични суровини на територијата на Општина Гевгелија, откако разбраа дека канадски фирми вршат детални геолошки истражувања на планината Кожуф и сакаат да добијат концесија за експлоатација  на злато и бакар.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира