РЕК „БИТОЛА“ ЌЕ ГИ РЕКОНСТРУИРА ФИЛТРИТЕ АКО НАЈДЕ 140 МИЛИОНИ ЕВРА

    РЕК „БИТОЛА“ ЌЕ ГИ РЕКОНСТРУИРА ФИЛТРИТЕ АКО НАЈДЕ 140 МИЛИОНИ ЕВРАСамо за филтрите и десулфуризацијата ќе треба да се вложат околу 140 милиони евра, oд РЕК „Битола“ велат дека имаат готови проекти, но не прецизираат термини кога ќе бидат реализирани (Фото: СДК.МК)

    За РЕК „Битола“ да го намали загадувањето во воздухот ќе мора да изврши реконструкција на постоечките филтри, да изгради постројка за десулфуризација и да користи нови начини за прекривање на депонијата со пепел, покажуваат научните студии и истражувања.

    Словенечката компанија „Рудис“ од Трбовље веќе изработила физибилити студија во која на комбинатот како најисплатлива варијанта му предлага да спроведе влажна постапка за десулфуризација за да ја намали емисијата на сулфурни оксиди, а за помалку прашина да ги реконструира постојните електростатски филтри.

    Од РЕК „Битола“ велат дека имаат готови проекти, но не прецизираат термини кога ќе бидат реализирани. Само за филтрите и десулфуризацијата ќе треба да се вложат околу 140 милиони евра.

    „Ќе го реализираме овој значаен проект во две фази и тоа прво ќе се стартува со намалување на прашината, односно реконструкција на постојните електростатски филтри и замената на вентилаторите и каналите за гасови што се проценува на околу 20 милиони евра. Потоа да се започне со проектот за влажна десулфуризација кој опфаќа изградба на постројка што по пат на влажна постапка ќе врши отстранување на сулфур диоксидот. Тоа ќе чини 118 милиони евра“, изјавија од РЕК за САКАМДАКАЖАМ.МК за активностите што ги преземаат околу намалување на загадувањето.

    Според извештаите објавени на интернет страницата на Министерството за животна средина, годинава нема пречекорување во емисиите на сулфурните оксиди над дозволеното. Публикацијата „Колку чини животот“ на „Еко-свест“ од пред две години пак, покажува дека емисиите на сулфурниот диоксид од термоеелектраните „Битола“ и „Осломеј“ се неколкупати над стандардите на ЕУ. За битолската термоелектрана пишува дека на годишно ниво е извор на 73.000 тони сулфурен диоксид, а прашината седум до осум пати над дозволената граница.

    Прашина се создава и од одлагалиштата на пепел на отворено во РЕК „Битола“. Според податоците од истражувањето на ТЕРА МЕД, пепелта која се добива од согорувањето на јагленот се депонира на отворено и е извор на прашина која содржи одредени тешки метали и има зголемена радиоактивност.

    „Во делот на истражувањето беа земени примероци и од депонијата, со одобрение на РЕК. Третманот на пепелта во депонијата во дел е направен, а некаде не е направен, она што се работи се работи, но недоволно. Понудени се три  решенија за да се оневозможи ширење на пепелта, тоа се покривање на пепелта со земја и прскање на пепелта со вода и додавање на адитиви “, рече професорот Љупчо Кочовски, декан на Факултетот за биотехнички науки од Битола, институција која учествуваше во истражувањето.

    Од РЕК велат дека местата каде се одлага пепелта се покриваат со земја.

    „Во термоелектраната е применет таканаречен сув отворен систем за надворешен транспорт на пепел и згура. Од бункерите преку систем на дозатори со прскалици, транспортни ленти и одлагачки машини, пепелта и згурата се транспортираат и се одлагаат во таканаречени касети на одлагалиштето за јаловина, а потоа се покриваат со слој на земја. Од почетокот на работа на термоелектраните пепелта се одлага согласно  претходно изработени проекти“, велат од РЕК.

    Според научни истражувања објавени на Интернет, дел од површините на одлагалиштата се рекултивираат, но дел останува изложен на воздушна ерозија, па при струење на ветерот се врши  дисперзија на прашина. Според европските искуства, ваквите депонии денес се прекриваат со геотекстил, па дури и со пластични фолии.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира