РЕСТОРАНИТЕ ПОЛНИ СО ОХРИДСКА ПАСТРМКА, КОНЦЕСИОНЕРОТ СЕ ЖАЛИ НА СЛАБ УЛОВ

    РЕСТОРАНИТЕ ПОЛНИ СО ОХРИДСКА ПАСТРМКА, КОНЦЕСИОНЕРОТ СЕ ЖАЛИ НА СЛАБ УЛОВЛокални рибари, ангажирани од Хидробиолошкиот институт, ги вадат мрежите поставени претходниот ден за фаќање охридска пастрмка. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Концесионерот на Охридскотo Eзеро се жали на слаб улов на пастрмката, а рестораните во Скопје, Охрид и низ цела Македонија нудат пастрмка во секое време. Се кажува дека за пет години уловиле едвај 400 килограми од оваа ендемична риба, а годишниот промет во земјава во ресторани и рибарници е околу  4 тони, односно околу 20 тони за пет години, вели претседателот на Спортско-риболовното друштво „Свети Апостол Петар“ од Охрид Радован Димитриевски за изјавите на концесионерот за слабиот улов.

    Димитриевски е познат спортски риболовец и автор на многу документарни ТВ-емисии за живот свет во Охридското Езеро.

    „Укажувавме дека со доделување концесија за стопански риболов на Охридско Езеро само ќе го легализираме криволовот и шверцот на охридска пастрмка, за што бевме остро нападнати од некои угостители дека сме против развивање на туризмот, поради што и ни забрануваа да влегуваме во нивните угостителски објекти. Бараваме помош и од челните лица на Локална самоуправа на Општина Охрид за да се заштити охридска пастрмка и белвица кои се и заштитен знак на Охрид. Укажувавме и дека уништувањето на охридска пастрмка негативно ќе се одрази на туризмот во Охрид, но не наидовме на разбирање, не можеме да ги разбереме нивните тврдења дека концесионерот го намалил рибокрадството и го заштитил рибниот фонд. Точно е, може е намален бројот на рибокрадци кои со криење фрлаа околу 1 километар мрежи, а сега концесионерот фрла легално околу 50 километри мрежи – каква е таа заштита на рибниот фонд?”, вели Димитриевски.

    Kажуваат дека за пет години уловиле едвај 400 килограми од оваа ендемична риба, а годишниот промет во земјава во ресторани и рибарници е околу 4 тони, односно околу 20 тони за пет години, вели претседателот на Спортско-риболовното друштво „Свети Апостол Петар“ од Охрид Радован Димитриевски (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тој со сарказам зборува и за Денот на рибарите што се организира секоја година на 20 јануари во Охрид.

    „Во историја на риболовот ќе биде запишан срамот на локалната самоуправа, која на денот на рибарите на брегот на Охридско Езеро (кога има концесионер за стопански риболов) донесе одлука да се прави рибна чорба од морска риба. Можеби развиваат нова туристичка понуда ‘Дојдете во Охрид на рибна чорба од автохтона морска риба’“, вели Димитриевски,

    Тој вели дека за ваквата состојба со рибниот фонд не треба да се обвинуваат рибарите од албанската страна на Езерото.

    „Не можеме да ги обвинуваме албанските рибари дека тие ја уништиле охридската пастрмка. Во годините кога се изврши преловот на охридска пастрмка, на албанската страна воопшто немаше стопански риболов. Укажувањата на надлежните лица дека Република Албанија не е заинтересирана за надминување на проблемот со пастрмката не се точни. На неколку иницијативи за средби на експертско ниво од Република Албанија за усогласување на законската регулатива за лов, вештачки мрест, дозволени големини на улов и друго, Република Македонија е таа која не одговорила на тие иницијативи“, тврди Димитриевски.

    Тој смета дека заштитата на рибниот фонд како национално богатство е замрсена меѓу надлежните министерства, научните институции за рибарство, државните инспекторати и концесионерите за стопански риболов.

    „Не знам дали ќе имаме сила како Република Македонија да го размрсиме овој Гордиев јазол за да го заштитиме рибниот фонд како национално благо, кое не ни припаѓа само нам, туку и на идните генерации“, порача Димитриевски.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари