Тетово некогаш важеше за еден од најзелените градови во државата, а денеска е единствен без пешачка зона. Речиси на секоја поголема или помала улица имаше големи дрва, неколку помали паркови, а на повеќе места низ градот тревнати зелени површини. Но, во изминативе две- три децении, од зелена оаза Тетово прерасна во бетоски бункер. Се градеше на секој можен агол од градот, а градбите, како по правило, ја бетонираа зелената површина на градот.
За грешките кои беа направени во урбанизмот на Тетово долго време никој не сакаше да зборува, сè додека не дојдоа помладите генерации архитекти кои почнаа јасно и гласно да кажуваат каде се грешело во урбанистичкото, односно неурбанистичкото градење на Тетово. Еден од тие млади архитекти е и Бошко Видоески, кој вели дека урбанистичкото планирање во Тетово е е блиску до точката од која нема назад.
„На Тетово веќе неколку децении му недостасува сериозен, школски пристап во планирањето, ништо повеќе. Градот е жив организам и како таков треба да го третираме. Затоа, првин го анализираме во историска смисла, па го снимаме постоечкото, ги дијагностицираме состојбите, вршиме оценка на потребите и можностите за просторен развој, па дури потоа програмираме содржини и мерки за иден развој. Проблемот е што во Тетово не се планира на таков начин, не се планира школски, туку се глуми дека воопшто се планира но, веројатно немањето политичка волја за правилно планирање си го прави своето. Позадината на тоа е секогаш финансиска. Тетово нема донесено Генерален урбанистички план уште од 2002 година, па се добива впечаток дека градот е оставен сам на себе, оставен е да се развива како што се развивал сè до Втората светска војна. Токму затоа, не можеме да зборуваме за градско живеење ако на Тетово му недостасуваат градски рекреативни зони, спортски терени, игралишта, градски патеки за рекреативно трчање, паркови со реквизити за деца, паркови за миленици. Освен тоа, Тетово е можеби и единствен град во светот во кој не постои пешачка зона или барем една пешачка улица, корзо“, вели Видоески.
Според Видоески, донесувањето на Законот за денационализација и Законот за легализација на дивоградбите, односно нивната злоупотреба, дополнително придонела за деградација на поедини градски опфати кои во времето на социјализмот биле пристојно планирани.
„Со првиот Закон се овозможи одредени градски парцели или делови од истите да бидат вратени на потомците или на поранешните сопственици. Па така во Тетово имаме случај кога е вратено сопственичко право врз парче од сегашна сервисна сообраќајница внатре во некој блок или сегашен дел од паркинг или спортски терен. Ова е навистина недопустливо. На сето ова се надоврзува Законот за легализација на дивоградбите, па се градат згради со повеќе катови, најчесто со недоволно исполнети проектантски услови и принципи, истите се легализират и добиваме зграда која зафаќа дел од поранешниот паркинг, од поранешниот парк или пристапна улица. Сето тоа создава дополнително оптоварување на инфраструктурата. Така се нарушени и многу градски сегменти во Тетово, со кои одредени индивидуи законски стекнале профит од оваа спрега на закони за сметка на деградација на Планот“, посочува Видоески.
Според него, ваквото „планирање“ на урабанизмот во градот како последица создава сообраќаен метеж, недоволно места за паркирање на возилата, улици закочени од сообраќај, а што исто така е многу важно е што Тетово станува град со многу загаден воздух, што е директна последица на начинот на урбанизирање.
„Немањето парковско зеленило за сметка на поголем градежен фонд значи поголема просечна температура на воздухот. Високото зеленило, односно старите дрвја, освен познатата улога на производител на кислород, се и задржувачи и апсорбери на прашина, и без нив дишеме повеќе прав. Бекатонизирањето и поплочувањето на дворовите по своја волја, подразбира намалување на природните почвени апсорпциони површини и дополнително оптоварување на и онака слабиот капацитет на атмосферската канализација. Лошата сообраќајна мрежа овозможува повеќе возила да стојат во место поради метежот, а со тоа да испуштаат повеќе издувни гасови. Тука е и неводењето сметка на правецот на карактеристичните ветрови во Тетово поради многу градби го блокираа нивниот проток, и се нарушува ареацијата на околината и сето тоа влијае Тетово да има многу, многу загаден воздух“, вели Видоески.
Видоевски и конкретно наведува повеќе примери на архитектонски промашувања кои ги има во Тетово.
„Во поново време, дефинитивно најголемо промашување е локацијата за објектот на новиот театар и библиотека. Со него се узурпираше скапоцена отворена јавна површина која првично и била замислена да остане таква – неизградена. Потоа, тука е Градскиот трговски центар, чија изградба со ништо не придонела кон унапредување на строгиот центар на градот. Локацијата на Градскиот пазар низ годините се покажа како несреќна во најмала рака, иако првично не се чинела за таква. Во станбената архитектура, видливо е деградиран опфатот кој гравитира околу улицата Димо Гавроски-Кара на потегот од булеварот Маршал Тито кон улицата Борис Кидрич. Забележувам и одредени плански деградации на потезите долж булеварот Благоја Тоска, улиците 29 Ноември, Борис Кидрич, од булеварот Илинденска, ЈНА… Би го споменал и објектот пред Музичкото училиште, кој откина огромен дел од парк и со тоа го деградираше, а истиот се наоѓа во алармантно густо изградена зона. Сето ова, од урбанистичка гледна точка го дефинира Тетово како хаотичен конгломерат на недоречености“, вели Видоески.
Според него, решенијата за излез од урбанистичкиот хаос во Тетово се можни но можат да бидат и не така популарни.
„Потребна е најпрво политичка волја. Од неа се тргнува. Добредојдена би била и извесна корекција во законската регулатива преку која би се вратил угледот, но и ингеренциите на професијата планер. А се плашам дека за нечија жал, на Тетово ќе му биде потребно и рушење на неколку објекти. Без ослободување на простори и нивно отстапување во служба на граѓаните во форма на отворени јавни површини наменети за општа употреба, не може многу да се направи за градот“, вели архитектот Видоески.
З. АНДОНОВ