„Одземете ја концесијата веднаш“, побараа од Владата демонстрантите на протестот за конечно одземање на концесијата за изградба на рудникот Иловица-Штука. Екоактивистите од Здрава котлина и граѓаните и денеска на протестот алармираа дека рудникот ќе го уништи целиот Југоисточен Регион и дека за месец и половина ќе дојде техничка влада која ќе нема ингеренции да решава за ова важно прашање.
„Ние сме тука затоа што концесијата за рудникот Иловица-Штука уште не е одземена. Практично се дојде до потпис за одземање на концесијата, односно предлог за одземање на концесијата од министерот за економија Бектеши, но уште не е дојдено на Влада да се одлучи, да се земе конечно концесијата за рудникот Иловица-Штука. Оваа битка ја водиме веќе две и пол-три години и стигнавме до овој резултат заедно со сите активисти и сите учесници, политички и разни други фактори. Но, главната работа е тоа што народот, луѓето не сакаат да има рудник во нашата здрава животна средина. Нашата здрава животна средина е најбитниот фактор за да опстанеме во оваа наша земја, најбитниот фактор за да опстанеме во нашата струмичка котлина, затоа што тоа е изворот на нашата храна со која се храни цела Македонија. Затоа што знаеме дека има некои ‘роварења’, има некои подмитувања, искрено, јавно ќе кажам ‘Еуромакс’ коцесионерот уште ги убедува луѓето, ги информира лажно дека ќе има толку и толку плата во рудникот, дека ќе биде здрав, исплатлив… Нашата порака е недвосмислена и јасна, ние не сакаме да се истурат илјадници тони отрови во нашиот крај, оваа концесија која е веќе три години истечена, и по сите правни и еколошки параметри мора да биде одземена“, рече на протестот пред Владата активистот Стојан Велков.
Во јули 2019, 3 години после законски рок, Министерството за економија го одби барањето за дозвола за експлоатација и таа одлука ја потврди Второстепената комисија во октомври 2019. На 11 октомври, компанијата „Еуромакс ресурси“ поднесе тужба против одбиената жалба од Второстепената комисија за рудникот Иловица. Веднаш потоа, Министерството за економија го потпиша предлог-решението за еднострано раскинување на концесијата и го стави во владина процедура за да излезе на седница на Влада и да се реши ова конечно. Согласно законите, за одземање на концесијата не е потребно да се чека никаква одлука на Управен суд туку само да се стави на дневен ред на седница на Влада веќе потпишаното предлог-решение и да се изгласа еднострано раскинување на концесијата.
„Свесни сме дека Владата ги имаат аргументите и знаат дека законот е на наша страна за што и веќе направија исчекор во вистински правец. Останува само да се заврши до крај ова работа и да се одземе концесијата на ‘Еуромакс ресурси’ согласно законот за минерални суровини“, велат активистите.
По протестот, од „Еуромакс ресурси“ соопштија дека имаат „неколку активности во Скопје околу дозволите и во моментов бараме решение за ситуацијата преку судовите, Еуромакс останува сигурен во својата правна позиција“, и го потворија ставот дека рудникот нема да загадува.