РУДНИК ВО ИЛОВИЦА ЌЕ НЕМА, ОДБИЕНА ЖАЛБАТА НА „ЕУРОМАКС“, ЕКО АКТИВИСТИТЕ БАРААТ УКИНУВАЊЕ НА СИТЕ КОНЦЕСИИ ВО ЈУГОИСТОКОТ

    РУДНИК ВО ИЛОВИЦА ЌЕ НЕМА, ОДБИЕНА ЖАЛБАТА НА „ЕУРОМАКС“, ЕКО АКТИВИСТИТЕ БАРААТ УКИНУВАЊЕ НА СИТЕ КОНЦЕСИИ ВО ЈУГОИСТОКОТ„Ова е одлука само за овој рудник. Но има издадено концесии во Двориште, Беровско и Плавуш. Веруваме дека одлуката на Второстепената комисија е почеток на крајот на целата таа приказна со рудниците во Југоистокот. Очекуваме верижна реакција на Владата и за останатите концесии“, велат активистите кои со години се борат против отворање рудници во најчистиот дел од земјава каде се приоизведува храна. (Фото: СДК.МК)

    Рудник над Иловица и Штука нема да има. Второстепената комисија за одлучување во управна постапка ја одби жалбата на компанијата „Еуромакс ресорсис“, поднесена по донесената владина одлука во јули за одбивање на барањето за експлоатација на металични минерални суровини на концесискиот простор на планината Огражден. Веста ја поздравија активистите против рудници од Југоистокот, кои очекуват верижна реакција на Владата и за останатите издадени концесии во овој дел на државата за кои, како што кажаа, будно ќе ги следат состојбите на терен.

    „Ова е многу важна одлука, бидејки ќе ги охрабри сите тие кои не веруваа дека ќе успееме, а ќе даде поттик за сите нас кои се боревме изминативе години да работиме и во иднина за да ставиме крај на сите издадени концесии за геолошки истражувања. Ова е одлука само за овој рудник. Но има издадено концесии во Двориште, Беровско и Плавуш. Верувам дека одлуката на Второстепената комисија е почеток на крајот на целата таа приказна со рудниците во Југоистокот. Очекувам верижна реакција на Владата и за останатите концесии“, рече активистот против рудници Стојан Велков-Трн.

    Решението од Второстепената комисија го добиле и во компанијата „Еуромакс ресорсис“. Од таму не конкретизираа кои ќе бидат нивните понатамошни чекори и дали ќе покренат судски спор против државата.

    Владата за неполни две години ги стопираше двата рудника во Југоистокот, Казандол и Иловица. Лани во март, Владата го раскина договорот за Казандол оти концесионерот „Сардич МЦ“ не ги исполнил условите од договорот, во рок од две години од добивањето на концесијата да ја изгради постројката за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 % од експлоатираната руда, за што покренаа тужба.

    За Иловица, Владата ја донесе одлуката во јули годинава, бидејки концесионерот „Еуромакс ресорсис“ не ги доставил сите потребни документи што се бараат за добивање дозвола за експлотација согласно Законот за минерални суровини.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира