ВМРО ДПМНЕ НЕ ДОЗВОЛИ РЕФЕРЕНДУМ ВО ВАЛАНДОВО ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ

    ВМРО ДПМНЕ НЕ ДОЗВОЛИ РЕФЕРЕНДУМ ВО ВАЛАНДОВО ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛДодека траеше седницата на Советот, граѓанските активисти од „Спас за Валандово“ со транспаренти бараа референдум за рудникот Казандол, кој до крајот на годинава треба да биде отворен (Фото: В. Трајков)

    Советот на општина Валандово не донесе одлука за референдум за рудникот Казандол. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ која го имаат мнозинството во Советот не гласаше по предлогот на СДСМ да се дебатира за распишување на референдум за кој инсистира граѓанската иницијатива ,,Спас за Валандово“. Тие сметаа дека треба прво да се слушне експерската јавност за влијанието на рудникот а потоа да се размислува за распишување референдум.

    „Граѓаните бараат референдум да се слушне нивниот глас кога станува збор за животната средина. Нели ние сме нивните преставници. Ставете ја точката за референдум па да расправаме и да гласаме за да видиме кој е за граѓаните, а кој не. Трето нема. Цело време зборувате за експерти , за научници… Да донесеме одлука за референдум, па експертите нека одат од куќа до куќа и нека објаснуваат дека нема да загадуваат“, рече советничката Елена Фидански.

    Советниците на ВМРО ДПМНЕ  побараа прво да се даде простор на науката и експертите да кажат дали Казандол ќе загадува или не. На ист став беше и градоначалникот Николче Чурлиновски.

    „Нели викате дека јавноста не била консултирана и не била доволно информирана . Еве даваме можност јавноста да биде запознаена, но со експерти кои се докажани во ова област, а не да зборуваме лаички. Нека држат предавања, собири, нека го кажат нивниот став па потоа да одлучуваме“рече кажа градоначалникот Чурлиновски.

    Откако не им помина предлогот, социјалдемократите ја напуштија седницата на која  се појавија заменик- министерот за економија Кристијан Делев, државниот секретар за животна средина Соња Липиткова и челните луѓе на инвеститорот Сардич МЦ. Тие објаснуваа дека Македонија има строга законска регулатива за заштита на животната средина и инвеститорот ги исполнувал сите услови.

    Додека траеше седницата граѓанските активисти од ,,Спас за Валандово“ со транспаренти бараа референдум за рудникот Казандол, кој до крајот на годинава треба да биде отворен.

    В.Трајков

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира