ВО СЛЕДНИТЕ 5 ГОДИНИ ЌЕ ИМА СЕРИОЗНА КРИЗА ЗА ХРАНА И ПОВИСОКИ ЦЕНИ ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ВЕЛИ ЗЕМЈОДЕЛЕЦОТ ЗА ОРГАНСКА ХРАНА АКИН СЕЗЕР

    ВО СЛЕДНИТЕ 5 ГОДИНИ ЌЕ ИМА СЕРИОЗНА КРИЗА ЗА ХРАНА И ПОВИСОКИ ЦЕНИ ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ВЕЛИ ЗЕМЈОДЕЛЕЦОТ ЗА ОРГАНСКА ХРАНА АКИН СЕЗЕРАкин Сезер од Турција веќе десетина години живее во Охрид и е еден од малкуте земјоделци во Охридскиот Регион кој има сертификат за органско производство. (Фото: СДК.МК)

    Нерамнотежата на врнежите, намалувањето на површините покриени со сезонска снежна покривка, намалувањето на квалитетот на почвата и сушата доведуваат до драматичен пад на земјоделското производство и зголемување на цените на производите. Како резултат на сите овие случувања, во следните 5 години светот го чека сериозна криза со храна, предупредува Акин Сезер од Турција, кој веќе десетина години живее во Охрид и е еден од малкуте земјоделци во Охридскиот Регион кој има сертификат за органско производство.

    „Климатските промени, кои го погодуваат најголемиот дел од светот, предизвикуваат и важни проблеми кај нас. Ненадејните дождови и поплавите негативно влијаат на квалитетот на почвата, а сушата негативно влијае на приносот. Поради ненадејниот мраз во пролетните месеци намалување од 65 отсто се очекува кај праските, кај лешниците за 25 отсто и кај оревите за 14 отсто. Зголемувањето на цената во оваа категорија е доста драматично; 70 проценти кај лешници, 24 проценти кај кајсии и 30 проценти кај ореви“, вели Сезер.

    Бројките за паритет од 2000-тите, покажуваат дека цените на земјоделството постојано се зголемуваат во споредба со другите артикли, а се очекува овој пораст да продолжи. Иако поскапувањата не се припишуваат на климатските промени како единствена причина, влијанието на падот на приносот врз бројките го нагласуваат и експертите.

    „Без разлика дали гледаме во нашата земја или во далечниот агол на светот, жедта предизвикана од климатските промени влијае на квалитетот на животот во градовите и земјоделското производство во руралните области. Намалувањето на продуктивноста во земјоделското производство негативно се одразува и на нашата економска состојба. Падот на земјоделските производи поради сушата дава поим за негативни сценарија за нашата иднина“, додава Сезер.

    Повеќе од 1.300 научници собрани на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) предвидуваат дека просечните температури ќе се зголемат за 4 до 12 Целзиусови степени во текот на следниот век. Познато е дека нивото на морето се зголемило за приближно 20 см од 1880 година. До 2100 година, нивото на морето се очекува да се зголеми во просек за 0,34 до 2,44 мм. Толку многу, што дури постои можност глечерите целосно да се стопат до средината на тековниот век. Сепак, сушата веќе зафаќа значителен дел од светот. Природните катастрофи како поплави, урагани и шумски пожари се зголемуваат од ден на ден. Накратко, климатските промени влијаат на различни делови од светот на различни начини.

    Поради негативните ефекти од глобалното затоплување, Сезер вели дека треба да се даде предност на оддржливите земјоделски производи.

    „За време на производството на месо и млеко, во атмосферата се ослободува голема количина јаглерод. Можете значително да го намалите отпечатокот на јаглерод со ограничување на потрошувачката на месо и млечни производи. Покрај тоа, исклучително е важно да изберете одржливи земјоделски производи. Со минимизирање на потрошувачката на егзотично овошје и зеленчук и избирање локални земјоделски производи при купување, можете да придонесете за намалување на стакленички гасови што се ослободуваат во природата за време на транспортот“, нагласува Сезер.

    Сезер е претседател на Управниот одбор на здружението „Харвест кооператив“ (Harvest Cooperative, кое има за цел да ја подигне свеста преку различни активности поврзани со прашањата на глобалните климатски промени. Вели дека се неопходни одредени активности како намалување на јаглероден отпечаток, избирање локална и сигурна земјоделска храна, како и минимизирање на потрошувачката на енергија и усогласување со пропишаните и препорачаните стандарди за наводнување во земјоделството и примената на пестициди.

    Викендов во Скопје, под слоганот „Здрава храна од семе до нашата трпеза“, за првпат ќе се одржи АгроСамит 2024. Покрај презентациите на искусни академици, производителите ќе ги претстават своите производи. Сезер вели „Немаме минута за губење“.

    Експертите предупредуваат дека мора да се работи на изградба на нови одржливи енергетски капацитети, соодветна употреба на водата за пиење, заштита на шумските богатства и националните паркови, како и на природните богатства. Парковите и зеленилото спречуваат од прегревање и значително ја балансираат температурата и токму поради тоа треба да се поддржуваат активностите за пошумување и зазеленување.

    Најновите податоци од истражувачите покажуваат дека 2023, која беше полна со екстремни временски услови, од смртоносни топлотни бранови до апокалиптични поплави и пожари кои беснеат низ светот, е најтоплата година во историјата. Прогнозите покажуваат дека високите температури ќе продолжат и во текот на 2024, што дополнително ја нагласува итноста од потребата за акција.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира