БЕЗУМНА ДРЖАВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:59:" ЦветомориЦвето,свадбаправам

    1. Нападот е најдобра одбрана. Оваа тактика на Бранко Црвенковски многу пати до сега му донела резултати, па зошто не би ја применил и за овие избори. Особено што опозицијата решила да се однесува културно и смирено. И – каква предизборна кампања би била, кога сите би си раскажувале свои програми, а никој никого не би напаѓал? Здодевна.    Многу ќе се разочараме ако сега опозицијата не ја прифати играта на Бранко. Наместо таа да ја напаѓа власта, ќе мора да се брани. И ќе мора да одговара на поставените прашања: “Да, ќе направиме кокошарници!”; “Не, ние не сме бугарофили!”; “Да ќе ја намалуваме невработеноста!”; “Не, ние не бевме доброволно во опозиција и во странство, туку бевме избркани”…
    И така, Бранко ќе прашува, тие ќе одговараат и нема да има време и него да го прашаат.

    2. Дали премиерот беше понесен од занесеноста на народот што скандираше на победа, или топлината му удри в глава, па на Конвенцијата на СДСМ во Сајмиштето изгледа заборави во која партија членува. Во иднина, тие што го прават сценариото нека предвидат кандидатите за пратеници да ги наредат пред него, а не да им го врти грбот.
    Колку за да ги има пред очи луѓето кои треба да му донесат уште еден мандат, кога ја обвинува опозицијата дека таа имала кандидати од времето на едноумието. Бранко во времето на едноумието беше млад, ама белки толку се сеќава, за да не помисли дека тие што беа зад него се од вчера? Од кое време му е верниот Ханџиски? Нели беше некаков партиски функционер Ѓорѓи Спасов? Од која општинска организација на СКМ дојде Љупчо Поповски? А другарот Тито? И да не е од некој повеќепартиски систем и човекот – инвестиција и членот со партиска книшка број 001?
    “Број 001” учествуваше во консултациите за состав на првата повеќепартиска влада во Македонија и заедно со таа влада ја создаде новата историја на македонската државност, што неговите сопартијци го злоупотребуваат, присвојувајќи си го како свој успех, па си се нарекуваат “државотворци”. Сега, неговиот ученик тоа време го нарекува “експертско безумие”. За време на таа експертска влада се изгласа референдум за осамостојување од Македонија, се донесе Устав на независна македонска држава, се создаде Македонска војска, се појавија првите македонски пари, се отворија првите македонски амбасади во светот. Ако сето ова е направено без ум, значи безумие било и создавањето на државата.

    3. Држава, па макар била и безумна, мора да се прави со даноци. Министерот за надворешни работи Благој Ханџиски ни објасни зошто досега сме имале големи давачки кон државата. За да имаме силни полиција, војска, судство, здравство… Што се однесува до полицијата, веќе се уверивме во нејзината сила. Затоа, го молам СДСМ, ако победи, повеќе нека не ја јакне полицијата. Помодревме.
    Ханџиски имаше уште еден успешен настап на конвенцијата. Кога Бранко, на крајот од говорот почна да се бакнува со сите што се качија на бината, Ханџо го поттурна за да слезе меѓу народот. И така – Бранко скокна од бината меѓу луѓето, Ханџо се фрли по него. Бранко дига раце, Ханџо дига раце. Бранко се гушка со симпатизерите, Ханџо се гушка со симпатизерите. Тие се Мирко и Славко на новото време. Каде Бранко, таму и Ханџо. Зашто, Ханџо не го следи во секој чекор лидерот по службена должност, туку тоа го прави спонтано. Ханџо е дел од Бранко.
    На изборите во 1994 година, како шеф на изборниот штаб за тогашниот Сојуз за Македонија, Ханџиски му го носеше мантилот на претседателот Глигоров. Така дотурка и до местото шеф на дипломатијата. На овие избори, Ханџиски, во истата улога како и на претходните избори му го чува грбот на премиерот. Според некаква еволутивна теорија, шефот на изборниот штаб в година можеби ќе дотурка и до кандидат за шеф на државата.

    4. Сепак, најголемо расположение во изборната трка внесе Социјалистичката партија. Конвенцијата организирана во диско, на крај заврши како свадба. Со пригодна музика “Цвето, мори Цвето, свадба правам”, Ѕинго како ороводец, келнери меѓу сватовите и мезе од “месен нарезак” од конзерва и парчиња сирење, атмосферата беше баш народска.
    Башка, беше весело и забавно, а не напорно како кај либералдемократите што се мачеа да одговараат на квиз прашањата од Игор Џамбазов: “Е Игоре, Игоре… И многу порелаксирано отколку кај социјалдемократите кои мораа да се туркаат во задушливата сала на Сајмиштето, заедно со гостите на панаѓурот.
    Денеска конвенција има Демократската алтернатива. Знаете зошто Циле ја закажал во 11.59? Нели го критикуваат дека немал програма. Е сега сака да докаже дека тој имал програма, ама досега не ја објавувал за да ја оправда финтата “минута до дванаесет”.

    5. За празникот 8 Септември беше најавено свечено отворање на новата зграда на Судската палата. Арно ама, пред избори никому не му се влегува в суд. Па макар и за свечено отворање.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари