БОМБА СИТУАЦИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:49:"ПолицаецотгоодбраниТито

    1. Во секојдневниот говор честопати слушаме како некои луѓе се жалат дека ќе пукнат од мака. Некои се исчудуваат на одредени постапки, изговарајќи: “Да ти пукне душата”. Или: “Да ти пукне бабулето”. Кога нешто е прекрасно, може да се каже дека “пука од убавина”. За здрав човек велат “пука од здравје”. Можеш да пукнеш и од среќа, и од радост.
    Во Македонија, покрај сите овие пукотници, секојдневно пукаат афери, а од неодамна почнаа да пукаат и бомби. Така што, импровизираните експлозивни направи што на полицијата ѝ ги фрлаат под носот, може да се протолкуваат како комплетирање на сликата за ситуацијата во државата. Бомбите се доказ дека пукаме од добро. Не за џабе, кога некој ептен сака да потенцира дека му е добро, на прашањето како си, одговара: “Добро сум – Како бомба!”
    Бомба ситуацијата е во рамките на себеспознавањето и враќањето кон изворните револуционерни традиции. Како почнало востанието во Втората светска војна? Со напади на полициските “участоци” во Прилеп и во Куманово. Е сега, новите “револуционери” не завршија само на Прилеп и Куманово, туку почнаа да ги шпартаат полициските станици низ цела држава, ама тамам работа ако повеќе од педесет години не сме напреднале во развојот на револуционерните методи. Тогаш партизаните ги водеше Тито. А сега бомби пукаат, иако Тито уште не нé води.

    2. Како и да е, кога ситуацијата во државата е бомба, на граѓаните им се препорачува избегнување на полициските станици. Советите на општините треба да донесат одлуки за печатење на нови карти, на кои полициските станици ќе бидат видно одбележани, со напомена дека тие места се ризични и треба да се бега подалеку од нив. Не е лошо на патиштата да ни се појават и нови сообраќајни знаци на кои ќе пишува: “Внимавај, полиција!”.
    Опасно е да се биде близок на полицијата. Можеби затоа, пред извесно време се појавија оние новокомпонирани “марици” што ноќе ги гледаме пред кафеаните на кои пишува “Подвижна полициска станица”. За да се одбранат од бомбашите, полицајците треба да се мобилизираат. А како ќе го сторат тоа, ако не бидат мобилни? Ќе ги затворат сите статични полициски станици и ќе се префрлат во комби возила. Така цел ден ќе се возат ваму-таму и никој нема да може да им го фати крајот, а не, пак, да им фрли бомба. Освен тоа, сите ќе бидеме горди на полицијата. Бидејќи цело време ќе бидат во движење, никој нема да може да им префрли дека не се мобилни.

    3. Велат дека било голема среќа што анонимниот повик за поставена бомба во авионот со кој се возеше премиерот стигнал додека “боингот” сé уште бил во процедура пред полетување. Ако се случело тоа додека авионот бил во воздух, законите наложуваат итно слетување на најблискиот аеродром, оставање на авионот на најоддалечена платформа и итна евакуација на патниците преку гумени тобогани на сите излези, зашто нема време да се поставуваат скали.
    И што ќе му се случеше на Бранко? Прво, како и сите патници, ќе мораше да си ги собуе чевлите за да не се повреди при лизгањето. Потоа, некоја стјуардеса ќе го фрлеше низ врата и ќе го лизнеше по тобоганот. Тоа, ќе признаете, не ќе беше многу пријатна ситуација. Не толку зашто Бранко ќе беше лизнат. Повеќе поради резилот што македонскиот премиер во Рим ќе ни беше бос.
    Оваа случка е за памет. Во иднина, Бранко нека си стои цврсто на земја, наместо да лета во облаци. Зашто, колку подалеку летнеш, поголема е веројатноста да се лизнеш. А лизгањето од високо, особено ударот на земја може да биде прилично незгоден. Сосема поинаку е ако премиерот цврсто стои на земја. Во тој случај, секогаш ќе може да слезе безбедно, по скали. Освен ако не се работи за скали на некоја полициска станица.

    4. Пред неколку дена пукотници се слушнале и околу зградата во која живее претседателот на Собранието Тито Петковски, во центарот на Скопје. “Вечер” објави дека полицаецот што ноќта бил на смена во полициската куќичка пред зградата, околу 3 часот пред зори испукал пет куршуми во непознат правец.
    МВР нешто не се претргна со објаснување на оваа случка, а и Тито изгледа не ѝ придаде големо значење. Пред десетина дена, во близина на неговата зграда, исто така, се пукаше, во тепачката околу диското “Колосеум”, па до каде би оделе ако од секое пукање со оружје во центарот на градот се прави драма. Можеби полицаецот бил под импресија на бомбите од полициските станици. Можеби некој поминал во близина со лименка “кока-кола”, па полицаецот помислил дека ќе ја фрли лименката, а таа може да експлодира и решил да се брани. А можеби и не била лименка “кока-кола”. Можеби била “фанта”.
    Како и да е, од овој настан требаше да се направи медиумска бомба. Требаше да се најде полицаецот. Да му се направи интервју, да се емитува ТВ-портрет во “Дневник плус”, да се прослави човекот. Којзнае, можеби некогаш и ќе го напишеа во историја. Како мали читавме за некој Пинки што го видел Тито, а не му обрнавме внимание на полицаецот што го одбрани Тито.

    5. В понеделник ќе бидат објавени пресудите во аферата ТАТ, ама нека ми простат правниците што пред време им се мешам во работата, сé ми се чини дека главата на октоподот ќе биде онаа шалтерска службеничка од битолската филијала на Заводот за платен промет, која морала да прави така као што ќе ѝ кажат, ако не сакала да остане и без тие 300 – 400 марки плата што ги земала.
    Ќе ја осудат и Соња, ама тоа нема толку да ја повреди, бидејќи таа патела како Исус Христос. Сé си мислев дека Соња е светица, кога таа ти била божица. И во право е. И таа како Исус Христос има воскреснато. Еднаш заглави во затвор како службеничка на ЈИК банка, па воскресна како сопственичка на штедилница.
    На крајот на краиштата постои и институцијата помилување. Претседателот на државата може да ја помилува Соња. Проблемот е тоа да се издејствува додека трае мандатот на Глигоров. Тој треба да ја помилува Соња, зашто неговиот наследник можеби нема да има мерак за милување.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари