ЧЕКАМЕ ОГНОМЕТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:59:"ЖивкоТолевскинепие"кокакола"

    1. Што, денес нема да има огномет!? Одамна немало. Од коледе. Што ти значи да си имаш фабрика за пиротехника. Изгледа дека “Сувенир” од Самоков има големо производство, па едно-две, си организираме огномети во главниот град на државата. И за државни, и за верски празници, и за отворање на дискотеки, и за рок-концерти, и за референдуми…
    Господ ќе ѝ се чуди на Македонија. Порано за коледе се собирале околу оган, а денес владејачката партија – наследничка на стариот Сојуз на комунисти го пречекува Христовото раѓање со организирање огномети. Требаше само уште Бранко Црвенковски да им дели дабови гранчиња на граѓаните и да им точи варена ракија.
    Всушност, премиерот уште пред Нова година им ги подели подароците на загубарите. А баш пред коледарскиот огномет им исплати три плати на железар­ци­те. Така што марката вчера скокна на 275 денари. Веројатно како предупреду­ва­ње до премиерот да не го чепка ѓаволот. Зошто не е сигурен дека по истиот принцип на барање плати пред портите на Владата и Собранието утре-задутре нема да му дојдат уште коледари. Ќе ја превработиме печатницата во Прилеп, ама ќе се збогуваме и со програми и со стенд-бај аранжмани и со кредити за преструктуи­рање.
    Кога веќе сакаше да организира коледе, подобро ќе му беше да ги пуштеше министрите како коледари. Нека ѕвонат на вратите на ММФ, Светската банка, Европската банка… Може ќе донесат некое ситно подароче, да нé израдуваат.

    2. Кога веќе за Коледе се правеше огномет, мислам дека денес, за Божик, ќе мора да грмнат плотуни од топовски орудија. Така ќе ги испобавме топовите на оние 230 тенкови, за кои  телевизијата”А1″јави дека нашето Министерство за одбрана ги побарало од САД. Не беше соопштено само од каде ќе ги увеземе тенкис­ти­те, зашто Македонија сигурно нема ни 230 возачи на камиони што ќе бараат преквалификација за тенк.
    Што чекаат Американците? Дај нека побрзаат со тоа тенковите. Ако веќе ги пропуштивме за Божик, барем да ги искористиме за Велигден.

    3. Претседателот на Синдикатот Живко Толевски љуби прослави со многу луѓе. Македонскиот Лех Валенса ѝ се закани на Владата со генерален штрајк дека не му се бендисувала приватизацијата. Пред празниците брилјантниот ум на Валенса ни откри уште една голема вистина. Рече дека нешто мора да не е во ред со приватизацијата, штом се рекламира на телевизија.
    Не знам зошто Живко Валенса не им забрани на работниците да пијат “кока кола”. Затоа што таа се рекламира во огромни количества. Гарант не чини. После работниците на скопската пиварница ќе останат без работа. Ама нема гајле. Синдикатот ќе ги одведе пред Собранието, на коледе. За да не им биде здодевно, може да инсталира еден огромен видео бим од другата страна на улицата и на него постојано да го емитува оној социјалистички рекламен спот со работникот и гулабот, на којшто Сојузот на синдикатите порачува “за достоинство на трудот”. Најдостоинствен е трудот за којшто секој месец добиваш повеќе денари, а тие вредат помалку марки.

    4. Дури тогаш на ТВ спотот за приватизацијата, на кој отчукува времето и цветаат милион цветови, ќе треба да се вметне и кадар со огномет на скопското небо, во чија позадина достоинствено светат трите црвени букви ССМ на Работнич­ки­от дом, односно претседателската палата на Живко Валенса. За да може да се оправда оној стих од песната “Сите да ја видат Македонија”. Дури тогаш ќе има што да видат!
    Патем, оној слоганот “Зошто да чекаме” е чисто промашување. Повеќе би одговарало – “Зошто чекавме до сега”.

    5. Жените не чекаат многу. Особено оние што се во политиката. Турската железна дама Тансу Чилер повеќе нема намера да му ги премолчува каприциозните испади на Папандреу. На грчкото вето за вклучување на Турција во царински сојуз со Европската унија, Турција ќе одговори со затворање на своите пристаниш­та за грчки бродови и со визи за грчките граѓани.
    Турција не е Македонија, па и силата што зад себе ја има турскиот премиер не е иста на силата што ја има македонскиот премиер. Па сепак… Можеби некоја македонска Чилер, или Маргарет Тачер, или Голда Меир ќе може поуспешно да излезе на крај со сите наши умислени Валенси. Додуша и во спотот за приватизаци­ја­та токму една деловна госпоѓа ги прашува мажите: “Зошто да чекаме?”, ама тоа го има само на телевизија.
    И нам ни е потребна жена. И тоа не обична. Туку – жена што, кога ќе каже “Не”, тоа навистина и го мисли.

    6. Деновиве се сели Министерството за надворешни работи. Во која држава?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари