ДВОРСКИ ИГРИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:77:""Неменувајтегомажот,сменетегозачинот"

    1. Што му прават вакви работи на Ханџо? Убаво му тргна во кариерата, а сега некои структури му местат афери. Штета, баш можеше да ни стане претседател. Ем доаѓа од Електротехнички факултет, што значи дека е струја човек, ем постојано кима со главата кога ќе ни дојдат гости, демек ги разбира, што значи дека е полиглот, ем добро пее, а богами знае и да заигра, ем ги сака Американците, ем има долгогодишно комунистичко минато.
    И – што дочека? Онаков, со глас и става, да бега од новинарките. Како пред некој ден на А1 телевизија – таа го влече за ракав да ѝ даде изјава, а тој да не ѝ дава. Што ли му се случи на стамениот министер, кој знаеше громогласно да ги надвика сите и во најтешките моменти за македонската држава, уште кога се прогласуваше Уставот, секогаш наконтен и подготвен за настап на телевизија, а сега да му затреперува гласот и да бега по скали од млади новинарки, без да се сврти кон камерата.
    Министерот за надворешни работи е многу зафатен и нема време да дава изјави на прашања од исконструирани афери. Ете, пред некој ден мораше да оди во Пехчево да отвора фабрика за стакло. Шефот на дипломатијата мора да биде присутен секаде. Особено што посетата на Пехчево влегува во доменот на неговите надлежности од областа на надворешните работи. Блиску е границата. А отворањето на кристалограверницата има симболично значење за самиот Ханџиски. Белки по тоа, работите ќе му станат кристално јасни.
    Ако отворањето на разни објекти може да биде добар изговор да се избега од Скопје и од невоспитаните новинари што, без ни малку култура, пред гости прашуваат за некакви експлозиви, тогаш премиерот Црвенковски, за да му помогне на Ханџиски да избега од новинарите, ќе треба веднаш да започне со инвестиционите активности што ги најавува. Секој ден нека го испраќа шефот на дипломатијата да поставува камен темелници и да сече ленти на новоизградени објекти.
    Само да не го испрати на отворање на воени магацини. Би можело некој погрешно да разбере.

    2. Не ќе е белки објавената информација дека три месеци пред атентатот врз претседателот Глигоров, во октомври 1995 година, се украло некое количество експлозив од воените магацини, а Ханџиски, кој тогаш беше министер за одбрана, тоа не го обелоденил, виновна за ваквото невообичено однесување на министерот за надворешни работи. Во државата се краделе и други работи, а министрите не кажувале јавно. Освен тоа, и да е вистина дека Ханџиски нешто знаел, а не кажувал, не е веројатно единствениот што знаел. Аме ете, нему му дошол редот.
    Главно, народот се забавува. А и медиумите имаат што да објавуваат. Еден ќе објави интервју, друг ќе го изанализира, трет ќе ја изанализира анализата, четврт ќе го повлече министерот за ракав, петти ќе застане во одбрана… А од кого да го одбрани? Од самите себе!? “Млекцето” случајно се истурило, па се направило урда. Некој ќе мора да ја плати.
    Во дворските игри Ханџиски досега добро се снаоѓаше. Човекот знае и да пее и да игра. Да не го згрешил случајно тактот!?

    3. Владата секогаш ги избира наједноставните и најевтини решенија. Видовте како ќе го реши проблемот со Педагошкиот факултет? Не можеше да го смени деканот, па затоа ќе прави друг факултет. Како што би рекле момчињата од “К-15” во рекламата за “зачинал”: “Не менувајте го мажот, сменете го зачинот”.
    По истиот урнек може да се решат и изборите. Замислете оваа влада да ги изгуби изборите. Лесна работа. Не мора да се смени опозицијата. Ако не им се допадне резултатот од гласањето во оваа држава, ќе си направат нова држава. И така се државотворна партија.

    4. Сега – засега сé уште сме една држава, ама на албанскиот премиер Фатос Нано му организиравме две државнички посети. Паралелно. Едната во Скопје, а другата во Тетово.
    Тоа што албанскиот премиер Нано во Македонија се задржа повеќе отколку што беше предвидено, има свое објаснување. Тука се чувствува посигурен. Кај нас сé уште има помалку бомби по глава на жител отколку во Албанија.
    Инаку, неговата посета беше искористена за корисна размена на искуства. И кај нив експлодираат бомби по градовите, и кај нас. И тие имаат пирамидални штедилници, и ние имаме. И кај нив се пука по улици, и кај нас се пука. И таму се краде од воените магацини и кај нас недостига некое кило експлозив. Разликата е во тоа што кај нив тоа се прави масовно, популистички, а кај нас сé уште е на ниво на елита.

    5. Во пресрет на локалните избори во Битола, пратеникот Вељо Тантаров предложи, а пратениците на СДСМ изгласаа седиштето на Агенцијата за поттикнување на земјоделството да биде токму во тој град. Тантаров згреши. Сега му беше мајката да побара Битола да биде главен град на државата. Пред изборите за советници, во изборна година за пратеници во Собранието, а по ТАТ, сигурно и тој предлог ќе му беше изгласан без двоумење.
    6. Зошто не се гради пругата кон Бугарија? Чекаат да наближат изборите, за да организираат повторно свечено почнување на работите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари