Е, НАШИ ГОДИНИ…

САКАМ ДА КАЖАМ - ПОСВЕТЕНО НА НИКОЛА МЛАДЕНОВ

    Е, НАШИ ГОДИНИ…

    Е, наши години… Во 1979 година Никола и јас бевме глумци. Во прва година гимназија учевме во ист клас во гимназијата “Никола Карев” во Скопје. И се погоди двајцата да бидеме избрани да играме во драмската серија на ТВ-Скопје “Наши години”. Дружевме и на ТВ-сетовите и на школските одмори.

    Потоа нешто се случи, и станавме новинари. За среќа или за несреќа, сега веќе не сум паметен да просудам. Знам само дека од осумдесеттите до денеска ние бевме конкуренција, ама се почитувавме. Тој беше во “Млад борец”. Јас бев во “Студентски збор”. Јас потоа се вработив во “Вечер”, а тој беше многу похрабар од мене. Го основа неделникот “Фокус”.

    Честопати нашите ставови не се совпаѓаа. Често му забележував за некои постапки и тек-стови. Ама не му се лутев. Затоа што Никола никогаш со колегите не играл валкано. Особено не со тие што ги сметаше за колеги.

    Подоцна јас го предводев формирањето на “Вест”. И кога одлучи да го формира дневниот “Фокус”, имаше човечност да ми каже дека ќе формира весник кој ќе ми биде конкуренција. И – бидна. Старите школски другари и неостварени глумци повторно се најдоа на спротивставените страни на медиумскиот бизнис. Ама на истата страна на потрагата по вистината, возбудата што ја носи ударна насловна страница и хуморот кој води сметка да не ги повреди чувствата на луѓето.

    Никола Младенов е еден од ретките новинари во Македонија за кого денеска вреди да се напишат неколку реда, дури и во вакви тегобни моменти. Затоа што беше новинар. Затоа што беше единствениот новинар што живееше од новинарство и го градеше својот семеен мир со немирот на професијата која ја одбрал. И затоа што со нас, кои сè уште сме доволно будали да сакаме да бидеме новинари, играше чесно и настапуваше со почит. Пред неколку недели, кога ги пуштија партиските новинарски кучиња да ме лаат, тој јавно ме фалеше. Не успеав да му се јавам да му се заблагодарам.

    Нема зборови на утеха за неговите најблиски. И немам намера да се трудам да ги утешам. Тие си знаат како им е. Но имам една порака до неговите две ќеркички. Пораката не е колегијална. Пораката е другарска. Чувајте ги неговите примероци на “Млад борец”, предвесникот на македонската демократија. Чувајте ги храбрите насловни на неделникот “Фокус”. Чувајте ги дневните изданија на “Фокус”, со кои знаеме дека имаше многу проблеми. Имате со што да се гордеете.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира