1. На 27 јануари годинава, по нападот на полициската станица во Теарце, на ова исто место, во истава рубрика, под истиов број 1 го запишав следното:
“Претседателот Борис Трајковски не гледа потреба да го свика Советот за безбедност. Вели дека државата функционира нормално.
Лани ова време, во Арачиново ни отепаа тројца полицајци. Годинава, во Теарце, само еден и уште двајца повредени. Не само што е нормално туку дури има и напредок.
За напад на полициска станица, убиство на полицаец и за некакво соопштение од непозната организација која сака да ја имитира ОВК не вреди да се нарушува спокојството на претседателот кој треба да патува за Давос. Кога ќе се врати, ќе мора да оди и на молитвениот појадок во Вашингтон. Така што Советот за безбедност на Македонија може да почека додека не се случи уште нешто. Тогаш ќе треба да расправа Советот за безбедност на ОН.”
Многу луѓе ми рекоа дека претерувам, дека пишувам за инает на власта, дека без потреба дигам паника. Колку би сакал да беа во право. Меѓутоа, еве, по месец и половина, министерот за надворешни работи Срѓан Керим зборува на итна седница за Македонија на Советот за безбедност во Њујорк.
Претседателот, пак, кому сега навистина не му е ни до снегот во Кран Монтана, ни до појадок во Вашингтон со претседателите на некои африкански држави, сега се жали дека не бил информиран од разузнавачките служби што се случува во пограничните села кон Косово. Ако не му кажувале, можел да праша дали е вистина тоа што го пишуваат весниците. Ако воопшто ги читал, ќе видел дека во тогашните извештаи се споменуваа и Танушевци, и Малино, и Брест и Лојане.
Или можеби претседателот повеќе му верувал на Љубчо Георгиевски кој во тоа време изјави: “Ако читате што пишуваат опозиционите медиуми, човек ќе помисли дека во Танушевци се води војна.” Интересно, еден месец подоцна самиот изјавува дека во Танушевци се води класична војна. Му светнало. Сфатил човекот.
2. На почетокот беше најважно да се наполнат гласачките кутии. Со сила, со црни кошули, со пукање, со убиство во Кондово… Трајковски се занесуваше дека тој е клучниот фактор што ќе ги изразува интересите на сите граѓани на Македонија, без разлика на национална припадност. И дека затоа гласаат за него. Зашто многу го сакаат. Така му велеа Љубчо, Џафери, Доста и Тачи. Врховниот командант мислеше дека само ќе ги освојува зелените пазари во внатрешноста и ќе се слика насмеан пред камерите, кога не знаеше ни самиот што сака да каже. Сега, наместо тезгите, треба да го освојува Танушевци.
Арно ама, дојде времето за наплата. Луѓето што му ги полнеа со сила кутиите за да стане тој претседател, сега дојдоа да си го наплатат долгот. И од него и од Љубчо и Доста, и од Џафери и Тачи.
Го гледавме циркусот со трампата на војниците, скандалот Асани, непристигнатата пошта од Германија за министерот за правда Насуфи. Ги снимавме погребите на убиените во Арачиново, Теарце, Танушевци и во Рамно, утре, веројатно, и на полицаецот загинат во Брест. Се чудиме како можел личниот возач на заменик-министерот за одбрана да пука во сообраќаен полицаец, исто како што се чудевме како возачот на заменик-министерот за внатрешни работи се нашол во Кондово со оружје во багажникот на службениот автомобил, а луѓе од обезбедувањето на шефот на државата на изборната тепачка во Охрид. Странските дипломати упорно ни велеа дека оваа влада е добра затоа што ги релаксирала меѓуетничките односи, а тоа што длабоко влегла во криминал не било нивна работа.
А ние се занесувавме дека којзнае каква идеологија е во игра. А тоа – гол криминал.
Е па сега, прашањето за цената повторно е актуелно. Дали веќе доволно плативме, или дилот меѓу Љубчо и Џафери вреди многу повеќе.
3. Ова што сега се случува на границата е најјасен знак дека и Македонците и Албанците во Македонија се заложници на криминалци и на поддршката што тие ја добиваат од власта. Криминалот не познава националност, ама може да направи меѓуетнички судир. А сиромашкиот Борис се фали дека нема да отстапи ни стапка од македонската територија. Дека тие околу него го прашуваат:”Борис, може една стапка?” А тој цврсто вели: “Не!”
И сега Мендух Тачи ни се продава за политичар загрижен за стабилноста на Македонија. А власта тоа му го купува. Смешки!
4. Нели Џафери изјави дека тоа што се случува во Танушевци е работа на меѓуалбански конфликт. Е како тогаш локалниот меѓуалбански конфликт се најде во Палатата на ОН во Њујорк. Кога е толку лесна работава, нека си го земе другар му Тачи и нека не нè малтретираат и нас и светот со нивните дилови. Џипот под нозе, и право кај герилците кои не смеат да се наречат терористи. И тоа први во колоната. За да се чувствуваат тие зад нив безбедно.
5. А и премиерот Љубчо Георгиевски би можел да се ангажира малку повеќе со средба со неговиот пријател и “колега” Хашим Тачи од Косово и да дадат заедничка изјава, како што гордо се сликаа по косовската војна во Владата на Македонија.
Или веќе нема доверба и во него. Многу ни е конфузен премиерот. Секој ден некој друг му е виновен за ситуацијата што нè снајде. Мисли дека има светски заговор против Македонија. На Љубчо сега сите му се виновни – и КФОР, и НАТО, и српските разузнавачи, и Американците , и ОН, и старите структури, и СДСМ, и Би-Би-Си, и локалните амбициозни новинарки, и ОБСЕ, и ЕУ… Само тој и неговите коалициони компањони се чисти.
Можете да замислите колку ни е збунет премиерот, кога прозападниот, НАТО ориентираниот и модерен политичар, сега бара помош од Русија и Украина и се крсти во Србите што ќе дошле на границата. Е работава е баш да се крстиш.
6. Кога примивме 300 илјади бегалци од Косово, Си-Ен-Ен нè претстави како ксенофоби. Сега кога терористи се влезени длабоко во македонска територија, Би-Би-Си нè направи агресори.
Не се виновни ни Би-Би-Си, ни Си-Ен-Ен. Тие можат, ама и не мора да ја знаат вистината. Ама, имаме ли ние некакво Министерство за надворешни работи, имаме ли амбасадори, имаме ли Агенција за информирање. Зошто, на пример, никој не го повика амбасадорот на Велика Британија да му вложи остар протест за антимакедонската пропаганда на државната телевизија Би-Би-Си, наместо да нарачува смешни потерници по државните весници.
Кога “Вест” пишуваше за сомнителните активности на претставникот на ЕУ Жозе Пинто Тешеира, не се јавија да протестираат весниците од Португалија или Брисел. Се јави лично комесарот за надворешни работи Крис Патен. А богами и нашата власт се покажа. Што молчат сега кога се валка сликата за Македонија во светот?
Патем, го видел ли некој европскиот претставник за кого Георгиевски велеше дека Македонија треба да е среќна што го има него во Скопје. Да не кажал Тешеира нешто последниве денови, кога Македонија е особено несреќна. Случајно да не изразил сочувство за загинатите, а ние да не сме го чуле.