ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:97:"СирмаВојводаиЧучукМитравопредизборнакоалиција

    1. Кој кажа нешто за “разум и срце за Македонија”? Каков разум, кога изборната кампања сé повеќе станува лудило. Какво срце, кога во битката и срцето би ти го извадиле, без око да им трепне. А и душа немаме. Среќа што идниот викенд нé очекуваат два дена изборен молк, па нема да ги гледаме предизборните митинзи и рекламните спотови. Да земеме малку здив, оти, како што стојат работите, ај срцето, ај разумот, ај душата, ама и со нервите сме при крај.
    Вест на неделата е дека и Петар Гошев, конечно се вклучи во кампањата. Во Гевгелија дури беше и лут, па им порача на избирачите, секако да излезат на избори, само да го симнат СДСМ од власта. Во Свети Николе, пак, дури и му успеа да биде духовит, терајќи ги симпатизерите да свиркаат. Виде Перо дека нема “срце, душо” ниту “циле, миле”, кога Бранко налутено удира по маса, со засукани ракави во стил на Бузле, а Циле го отклучува катанецот со клучот од 21 век лут, намуртен и толку забрзан што дури ни за пред камера не успеал да си ги испегла панталоните.
    Само малку е удирањето по маса. На она момчено од Сител му недостигала борба. Ни пушташе тореадори, бикови, нешто се бркаа по тесни улички, луѓето се газеа, паѓаа еден врз друг, биковите бесно ги наденуваа на роговите… Тоа ни треба… Крв, дајте крв да видиме. И да викаме: “Оле!”, кога народните предавници и парчосувачи на државата ќе ги видиме набодени на рогови.
    Уште да може НАТО, по грешка, наместо по Милошевиќ, да фрли некоја бомба тука… Барем една, колку на Бранко да му се исплатат говорите во кои споменува војни. И да му се направи ќефот на момчето од Сител кај кого одеа на поклонение и му ја фалеа емисијата сите што сега му се лутат.
    Е така е тоа. Не можеш да плукаш, а да не се испрскаш.

    2. Од овие избори, најзијан ќе излезе Гоце Делчев. Го раскинаа човекот. Не знаеш дали е ВМРО-вец, социјалдемократ или, пак, социјалист. Еве, на пример, онаа сцена од спотот на ВМРО-ДПМНЕ, кога Љубчо седи со соработниците во штабот, како да ја имам видено во некоја револуционерна драма. И завесата зад Љубчо асоцира на тоа време. Само што Љубчо наместо со запетлано палто до вратот, можеше барем за оваа пригода да си го облече гунчето. И другите се многу дотерани. Камо фишеци, камо реденици околу ставата, каква ли е таа револуционерна партија.
    Ми се чини дека на Бранко повеќе му прилега улогата на Гоце Делчев. Многу му е работна атмосферата. И мава со раката, а сите околу го слушаат. Уште на масата да имаше вкрстени кама и револвер, па да ги натераше сите по ред, од Тито, преку Илинка, па до Радмила да го бакнуваат оружјето, ќе беше полн погодок.
    Ѕинго, дефинитивно, не може да биде Гоце Делчев. Ако ништо друго, тој е покрупна фигура од него. Ама, тоа не значи дека не може да се идентификува со тоа време. Тука му е Златка Поповска. Зошто Златка да биде Евита Перон, кога може да биде Сирма Војвода. И така на Доста Димовска ѝ е одземена титулата војвотка откако СДСМ стана попатриотска партија. Еве и Илинка Митрева може да биде Чучук Митра. Да ви кажам право, од народните песни и од приказните немам изградено слика за војвотките, ама овие денешниве добро изгледаат.
    Ми се допаѓа тоа што внимаваат како ќе се појават пред јавноста. Велат дека митингот на социјалистите во Валандово почнал со задоцнување, бидејќи на госпоѓата Поповска ѝ се скинал чорапот. Нормално, таква дама не смее да си дозволи настап боса.
    Ѕинго треба веднаш да преземе акција по ова прашање, додека другите не се сетиле да му ја украдат програмата. Не е доволно само да праша: “Кој го тоа направи?”, туку веднаш “Силекс” да отвори погон за хулахопки и чорапи. Не може во Европа да одиме боси. Или, пак, со скинати чорапи.
    Го заборавив Циле. Тоа претседателот Глигоров сигурно не би ми го простил. Зошто и во неговата ДА не речат дека се следбеници на Гоце Делчев. Ако ништо друго, барем Циле има мустаци. Плус, секој ден ги шета селата, се пика по дворови, соблекува чевли, ги бележи цените на добиточните пазари… А и Гоце бил селски учител. Добро е што Баница не е во Америка, туку во Грција.

    3. Претседателот Глигоров одеднаш, на само десетина дена пред изборите, дава интервју за државната телевизија? Остана нејасно зошто баш сега. Дали беше по повод тригодишнината од атентатот или претпразнично, за 11 Октомври, или за можните напади на НАТО, или, пак, за напад на Васил Тупурковски?
    Не помина многу време откако Глигоров во интервју за “Дневник” изјави дека нема да се ангажира во изборната кампања. Помина малку подолго време откако изјави дека нема намера повторно да се кандидира за претседател на државата. Ако не го исполнил ветувањето дадено пред кусо време, да очекуваме ли дека и она од поодамна повеќе не важи. Или, пак, се работи за враќање од благодарност. На минатите избори проколнуваше да не го оставаат сам. Сега можеби помислил дека тој нив не треба да ги остава сами. По сé што му се случи за време на овој мандат, можеби и заслужиле поддршка од “број 001″во партијата. Само, што му требаше ова интервју на “број 001” во државата?

    4. Во скопската населба Карпош, на неколку контејнери за ѓубре е залепена изборната плаката на коалицијата “За подобар живот”. Прво си помислив дека пак некој лепач на плакати направил бесмислен потег. Меѓутоа, не ми изгледа дека контејнерите се случајно избрани. Бидејќи многу наши сограѓани секојдневно таму се снабдуваат со храна, веројатно тоа е вистинското место за плаката со порака за подобар живот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари