КАСАРНА КАСАНДРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:59:"КироиБранкојазезнааКасандра

    1. Дали поради присуството на Ристо Гуштеров, кој е спонзор на посетата на Касандра и Ранду во Македонија, или поради лошо избраниот ден од организаторите, никој од највисокиот државен врв на Македонија не се појави на Скопскиот аеродром да им посака добредојде на венецуелските јунаци. Како и да е, протоколот за свечениот пречек не предвиде некои работи, што не е фер за Касандра и Ранду, кои дури од далечниот Каракас се потегнале да ни го спасуваат духот. Таков вид професионалци како што се тие, не заслужуваат грешки во протоколот, па макар биле и ситни.
    Добро беше што на скалите пред авионот глумците ги пречекаа пионери во народни носии со букети цвеќе. Убава беше и замислата венецуелците да се пречекаат традиционално – со леб и сол. Колку за релаксација на гостите, практично да им се покаже дека ние тука барем не јадеме луѓе. И идејата да се возат во огромни лимузини, како ѕвездите од Холивуд кога доаѓаат на церемонијата за оскар е за поздравување.
    Ама, бидуваше ли хероите од авионот да стапнат право на асфалт, наместо на црвен тепих, како што им прилега на високи гости од нивни ранг. Наместо на аеродромската платформа, двата црвени тепиха со кои располага Македонија за вакви пригоди, беа наменски дислоцирани – едниот во Касарната “Илинден”, а другиот во дворот на МВР за прослава на Денот на безбедноста. Замислете го тој резил – Касандра оди по асфалт, а ваму претседателот Глигоров врши смотра на “волците” во касарната, и премиерот Црвенковски ја поздравува полициската единица. Бесрамно газат по тепихот на Касандра. Малку им е за сé што ги критикуваат, мораше ли да ѝ го расипат ќефот на македонската херојка.

    2. Поради овој инцидент, дознаваме дека Касандра решила да ги преиспита сите свои натамошни ангажмани за средување на проблемите во Македонија. Прво, многу му била лута на министерот за надворешни работи Благој Ханџиски. Македонија нема дипломатски односи со Венецуела, а тој, наместо да ѝ обрне внимание на високата гостинка, цел ден го помина со таму некоја Лена од Шведска. Што ќе му е Швеѓанката, кога со Шведска и така имаме дипломатски односи. Во Стокхолм имаме и амбасадор. А во Каракас – не. Можевме Касандра да ја назначиме за почесен македонски конзул во Венецуела. Башка, што само се топориме за Европа, кога сме толку блиску до Латинска Америка.
    Сега веќе е сосема неизвесно дали Касандра и Ранду ќе се изјаснат и за иднината на мандатот на УНПРЕДЕП. Наместо министерот за одбрана Лазар Китановски да прави паради со казахстанските транспортери со вградени американски системи за комуникација, можеше да одвои барем половина час да го слушне и венецуелскиот став по ова прашање. Сигурен сум, “волците” повеќе ќе сакаа да ги построи Касандра отколку да стојат мирно пред Врховниот командант Киро Глигоров. Можеа и да ја повозат промотивно во новиот транспортер на АРМ. Да ѝ покажеме дека имаме со што да се гордееме, а не тие од опозицијата да ѝ пренесуваат негативен впечаток дека се наоѓа во земја чиј врвен дострел се лебот и солта. Плус, ако може да дојдат руски војници, зошто не би можеле и венецуелски? Сигурно и Касандра е загрижена за развојот на ситуацијата на Косово.
    И Џафери и Тачи направија погрешна проценка што прекинаа со протестите за ослободување на Руфи Османи пред пристигнувањето на Касандра. Бадијала протестираа низ Скопје пред амбасадите и им даваа писма на англискиот и на американскиот амбасадор. Зошто не ѝ дадоа писмо на Касандра. Можеби таа би можела да им помогне. Како Луј Давид заради неа избега од затвор, па после го ослободија. Можеби истото може да се случи и со Руфи Османи. Настрана што можеби и таа има нешто да каже во врска со тетовскиот универзитет. Може да ја поканат како визитинг професор по актерство на факултетот за глума во Мала Речица.
    Касандра би можела да го замени и Бузлевски во преговорите со рударите. Ако го пуштат него во јама да им ги објаснува трендовите на пораст на индустриското производство и сеопфатноста на реформите, може да се случи рударите никогаш да не излезат од рудникот. Ама, ако им кажат дека надвор ги чека Касандра и дека, ако треба, и ќе поплаче над нивните плати, не само што итаница ќе излезат на површина туку и ќе ѝ купат квалитетни шминки што нема да ѝ го црнат ликот од солзите, а кога ќе се бакнува, нема да ги зацрвенува другите со карминот, како да се палјачовци.

    3. И така, додека Касандра ги средува состојбите во нашиот циркус, националната телевизија ќе ни репризира уште два-три пати скратени верзии од сапуницата и за да не се возбудуваме, ќе ни најават слична серија со високи уметнички дострели.
    Прво, шест месеци по два пати на ден, и тоа во ударен термин систематски го уриваа нивото на гледачите. После, со телефонска анкета ни кажаа дека такво било нивото и затоа ја давале “Касандра”. Потоа, како секоја сериозна телевизија организираа трибина на која ни го објаснуваа нивото на гледачите и феноменот “Касандра”.
    Ќе речете, каква нација – таква национална телевизија. А зошто не – каква национална телевизија – таква нација!?

    4. Како што се одолжува судскиот процес во аферата ТАТ, станува сé појасно дека од ловот на октоподот не бидува ништо. Уште полошо, како што едно по едно ги симнуваат обвиненијата, ништо чудно наскоро да почнат да ги судат штедачите под обвинение дека штеделе.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари