КУШАДАСКА РЕПУБЛИКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:53:"Брилјантинотдавалаженсјај

    1. Македонија забрзано се подготвува триумфално да го прослави претстој­ниот национален празник Илинден. Токму на 2 август, според сите предвидувања, се очекува да падне и последниот бастион на турската ривиера. Организацијата на манифестацијата “Гоцеви денови”, среде Истанбул, е нула во однос на она што сега им го правиме на Турците. На 92-та годишнина од Илинденското востание против турското ропство, конечно дојде денот и ние на Турците да им вратиме мило за драго.
    Инвазијата е во полн замав. Силни моторизирани единици на македонската туристичка армија ја прегазуваат Бугарија и преку Едрене ја освојуваат Турција. Одвреме-навреме, копнените сили добиваат засилена поддршка со воздушни удари од сите здружени и раздружени македонски авиокомпании.
    Турците масовно се предаваат. Без борба ги отстапуваат хотелите, приватни­те куќи, автомобилите, автобусите, плажите, кафеаните, рестораните… Ни трага од моќната Отоманска империја. Не се толку храбри дури ни да направат барем “Дванаесет дена Кушадаска Република”! Сериозно им е загрозено националното битие. Не само што во кафулињата полека, но сигурно продира македонска музи­ка, туку Турците почнуваат да ги менуваат вековните навики. Пијат турско кафе, исто како нас. И јадат баклави, исто како ние за Нова година. Па дури после и да се повлечеме од освоените територии, мислат дека сé ќе биде како порано и дека македонското присуство и задушувањето на Кушадаската Република ќе мине без последици за нивниот културен идентитет? Јок! Ќе видат колку ли само маке­донизми ќе се одомаќат во турскиот литературен јазик.
    Само едно нешто не ми е јасно. Изгледа не нé бива да бидеме окупатори. Како може ние да освојуваме, а пак тие да собираат арач!?

    2. Ова што го прави Владата со оние што “покажуваат незадоволителни резултати во работењето” некои го викаат – операција “Метла”. Тоа е многу несреќно избран термин. Затоа што со метла се чисти. Тоа може да асоцира на зборот “чистка”. А ние сме сепак демократско општество и такви зборови не би требало да употребуваме. Освен тоа, кога се зборува за чистење, тоа значи дека во Владата има нешто валкано. Скраја било!.
    Затоа повеќе ми се допаѓа кога за операцијата на отстранување на тие што “покажуваат незадоволителни резултати” се употребува терминот – “чешлање”. Одговара. Министрите се релативно млади, па им личи да бидат малку разбуша­вени. Како што созреваат, почнуваат да се чешлаат. Сега се баш во фаза на чешлање. Ги фризираат работите во Владата. Кога ќе се исчешлаат, ќе си стават малку брилјантин. Малку да ги замачкаат работите. Среќа што брилјантинот има свои позитивни страни. Ѝ дава сјај на фризурата. Само, ако се претера со негова употреба, се забележува дека сјајот е лажен.

    3. Колку луѓе испосменија, сега ќе треба да распишат конкурс за нови работни места. Има шанси човек да набоде некоја функција. Директно во Владата.

    4. Толку беше радосен Јане Миљовски кога се врати од Париз, од преговорите со Парискиот клуб  за репрограмирање на долгот, што побрза веднаш да свика прес-конференција и да ни соопшти дека тоа што се случило таму во економијата е рамно на приемот на Македонија во ОН во политиката.
    Не помина многу време, а агенцијата Ројтер емитуваше вест според која некој тамошен дипломат изразил чудење како многу побогатата Хрватска добила поповолни услови од сиромашната Македонија и зошто Македонија не побарала отпишување на дел од долгот.
    Министерот Миљовски објасни дека ние не сме побарале отпишување на долгот за да не нé сметаат за ризична земја во светот на парите. Па сега не е јас­но кој е во право: Миљовски или неименуваниот дипломат што го цитира Рој­тер. Како и да е, преговорите завршиле на општо задоволство. Ние среќни, тие шокирани што не сме барале отпишување на долгот.

    5. Минатиот викенд во Белград се одржала некаква меѓународна конферен­ција на леви партии на Балканот. Од конференцијата е испратен некаков лев апел до контакт-групата за укинување на санкциите кон СРЈ, а наедно е дадена поддршка на мирољубивите напори на раководството на СРЈ. Поздравен говор одржал претседателот на СРЈ Зоран Лилиќ, а воведен реферат имала Мирјана Марковиќ од Здружението на југословенската левица, инаку сопруга на Слободан Милошевиќ. На конференцијата учествувале дваесетина партии од Балканот, меѓу кои и (внимавај сега!): Социјалистичката партија на Македонија, Демократ­ската партија на Југословените од Македонија и Комунистичката партија на Македонија.
    Нормално, целиот собир беше максимално добро покриен од белградските медиуми. Нормално, според нив, меѓу гостите биле и од БЈРМ. Сите заедно, па и тие од БЈРМ ѝ дале поддршка на мирољубивата политика на Србија. Не е нормално само што во играта на српската пропаганда влезе и коалиционен партнер во Владата на Македонија – Социјалистичката партија на Македонија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари