ЛОЈАЛНА ДРЖАВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:137:"Назнаметотребадасеаплицираполовинасонцебеззраци,задаличинакече

    1. Додека на највисоко ниво, во Уставната комисија во Собранието на Маке­до­нија, цела група одбрани умови од сите области се труди да го постигне и невоз­можното, како што е на пример обидот да открие која нота од музиката на пред­ложените химни има скриен национален знак, или пак се замајува со дискусии од типот која нијанса на боја за знамето и грбот има засилена национална нагласка, додека траат консултациите дали сонцето треба да има долги или куси зраци, или пак да остане “голо”, или да биде половина сонце – за да личи на кече, никому од тој збир на мозоци, што еднакво се разбираат и во уметноста и во политиката, не му падна на памет барем со едно ливче хартија да ги информира претставниците на националностите, кои не ја уживаат таа привилегија да бидат Албанци, што и како имаат на ум да им смислат за идното обележје на државата чиишто државјани се.
    Господата имаат еден збор што немам обичај да го употребувам – лојалност. Лојалните граѓани се наградуваат. Не се ни казнуваат. Може само да се игнорираат. Наградата следи за оние што како самопрогласени водачи на својата нација повикаа на бојкот на пописот, на бојкот на референдумот за независна Македонија, не гласаа за Уствот, не се пријавуваат на регрутните покани за служење во македонската армија… Другите националности ја немаат таа привилегија – не се толку бројни, а и водачите не им се толку паметни како на пример Невзат Халили.
    Што ќе се случеше доколку, на пример, Демократскиот сојуз на Турците изјавеше дека не ја прифаќа “Денес над Македонија”, затоа што во текстот се споменуваат Делчев, Гули, Груев и Сандански кои се бореле против османлис­кото ропство? Или пак, ако Фаик Абди го напушти Собранието затоа што во знамето ја нема сината и зелената боја од симболите на ромската партија? Дали на некој таков сличен потег на Власите, Египќаните, Србите или било кој друг граѓанин, претседателот на Собранието Стојан Андов ќе ја прекинеше целата постапка за донесување на државотворните закони? Дали претседателот Глигоров под итно ќе ги викаше на убедување во својот кабинет?

    2. Испитот за лојалност кон државата овие месеци тешко го поминуваат и најголемите Македонци. Нека застане премиерот Никола Кљусев во ред пред било која бензинска станица во Скопје и нека гледа директен пренос, кој му ја урива антиинфлационата програма. Дали “Макпетрол”, кој со нередовен дотур на бензин врши притисок за зголемување на цената, или оние “лојални” граѓани на Македонија, меѓу кои и “најголемите” Македонци, кои по пет пати во денот се редат да наточат гориво во својот резервоар, па потоа дебело им да го пре­продадат на Косоварите?
    Забележувајќи, во близина на една бензинска станица, како еден скопјанец ги вади регистарските таблички од своето возило за да му ги позајми на друг возач со косовска регистрација, една колешка се сети на деновите кога добивме нова валута и кога нашите “лојални” граѓани цел ден се вртеа во редовите пред шалтерите, за да им ги заменат вреќите динари на шверцерите, за ситна провизија. Кога незадоволна затоа што не можеше да подигне ни пет илјади денари се појави на работа, првата реакција ѝ беше: “Со ваков народ држава не се прави!” Тешко неа! Ја направивме непријател, дефетист, србоманка… Сега само ја раскажа приказната за промената на табличките. Ништо не коментираше. Како лојална граѓанка.
    Затоа пак, кога пристигна веста дека Електростопанството бара 150 на сто покачување и дека Владата го одбила барањето на “Макпетрол” за слободно формирање на цената на дериватите, разочарано се јави: “Па добро бре, мајката, кога можевме ние и уште којзнае колку илјадници победни од нас да трпиме и да чекаме програмата да даде некакви резултати, зошто не можат тоа да го направат и многу побогатите од нас?”
    Тука некаде се менува тврдењето дека “со овој народ држава не се прави”. Зашто, кога државата не е способна да се пресмета со една група дрчни моно­полисти, кои отворено ѝ ја уриваат политиката, тогаш проблемот сепак е во неа, а не во народот.

    3. Не знае човек дали е пострашно кога граѓаните ќе ѝ откажат послушност на државата или кога најверниот пријател ќе ти го сврти грбот. Ете Мицотакис, вистински Грк-трговец, и тоа од оние најрасипаните, кога виде дека другар му Милошевиќ ќе паѓа и повеќе ништо не може да добие од него, не само што му “раскина”, туку и почна да го цинкари низ светот. Па сега ги вади на видело пикантериите од времето кога беа во голема љубов.
    За верување е дека Милошевиќ му предложил да ја делат Македонија. Ама Мицо­такис не прифатил, затоа што Милошевиќ мислел на поделба на цела Маке­донија. Во тој случај за Грција би останало како што е и сега. А делот од Маке­донија што се вика Република Македонија би му припаднал на Милошевиќ.
    Затоа Мицотакис не се согласил. Сега треба да се јави Милошевиќ и да го исцинкари традиционалниот пријател дека овој му предложил нему да го делат Скопје. А Милошевиќ во прв момент не сфатил во што е работата. Мислел дека треба да се дели градот. Тогаш, уште неискусен, бидејќи поделбата на Сараево не му беше почната, нешто се премислувал. Накрај се соочил со јавноста која се насекирала кому ќе му припадне Камениот мост, зашто нели тој бил Душанов, и пријателски го замолил Мицотакис: “Ништо од делбата – или цело Скопје, или ќе ти го земам и Солун”. Ете, затоа Мицотакис морал да го пријави кај партнерите во ЕЗ.

    4. Како и да е, Слобо и натаму успева да им се спротивставува на притисоците. Вчерашниот број на “Вечерње новости” донесува оптимистички текст во кој се вели дека и покрај блокадата, фирмата “Јунит” од Нова Пазова продолжува со извоз на Запад. “Јунит” го произведува сексуалното  помагало ВЕП, за кое, како што пишуваат “Новости”, како луди се тепаат некои земји на ЕЗ.
    Кој вели дека Слобо може некој да го симне? И покрај сé, тој сепак наоѓа начин да го дупи светот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари