НАФТЕНИ КОРИДОРИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:40:"Билјанаплатнобелеше

    1. Светот конечно може да здивне. Македонија стана членка на Конферен­цијата за неширење на нуклеарното оружје.
    Единствено може да има проблеми со нашиот несериозен министер за надворешни работи Стево Црвенковски. Наместо да седи во салата каде што се расправаат проблемите со нуклеарното вооружување, се шетка по ходниците низ зградата на ОН. Сигурно ѕирка низ секоја врата, штом нашол толку луѓе за муабет. Па си се сретнал со Сајрус Венс, Ричард Холбрук, Метју Нимиц… При тие случајни средби сигурно размениле мислења за нуклеарната технологија со која располага Македонија.
    Штета за Конференцијата. Со такво несериозно учество на македонскиот претставник може да биде загрозена безбедноста на светот. Додека си разговарал со Венс, Црвенковски објективно не можел да присуствува на главната расправа. Ај што не присуствувал, туку уште успеал и да се договори со Грците. Што мисли тој, тука не стигнуваат вести од грчки весници!? Штом бил толку невнимателен, кога ќе се врати нема да знае што таму се договориле. Па Македонија ќе продолжи да произведува нуклеарно оружје.

    2. Што ти вреди производство кога нема да можеш легално да го продадеш. Велат дека во Русија секоја “шушка” може да продаде плутониум. Како превен­тив­на мерка, кај нас министерот за стопанство Ристо Иванов ѝ објави војна на сивата трговија. Од сега плутониум нема да може да се продава на зелените пазари, туку на специјализирани пазари, и тоа еднаш неделно.
    Значи, со новиот закон градовите повеќе нема да ни личат на панаѓури. Тезгите со разни турски “џиџи-миџи” треба да се преселат на некое друго место, подалеку од овошјето и зеленчукот.
    Сега се бара локација за новиот пазар во Скопје. Шверцерите и онака нема да ги погоди ниту овој закон. Тие ќе си го најдат своето место. Проблемот е за оние илјадници невработени и стечајни работници, што по сила на околностите станаа ситни шверцери за да заработат некој денар. Проблем ќе биде и за оние што за мали пари на пазарите и на тротоарите наоѓаа некое модерно увозно “парталче”.
    Владата реши да стави ред во трговијата. Но во исто време, во ситуација кога илјадници луѓе живеат од тие диви пазари, повлече ризичен потег. Што ако новата локација на пазарот за дребулии стане плато пред владините коцки покрај Вардар? Или сообраќајницата и тревникот пред Собранието на Републиката?
    Ќе се согласите, тоа навистина би претставувало вистинска надреалистичка слика. Ама и на такви слики полека се привикнуваме во секојдневието. Ете, скоро имавме ситуација кога затвореници држеа прес-конференција. Зарем тоа не беше чист надреализам?

    3. Паника завладеа меѓу светските гиганти – производители на машини за перење. Баучот што кружи над нив се вика “Билјана 94”. Зад ова убаво име, нави­­дум со сосема наивни претензии, стои најновото македонско чудо излезено од произ­вод­ните погони на приватното претпријатие “Флекница” – првата македон­ска машина за перење.
    Што се седумстотини марки за да се поседува оваа гордост на македонската современа технологија. Кога е во прашање “Билјана” – вреди и повеќе да се даде. Дури предлагам Владата да воведе посебна царинска заштита, за да го стимулираме домаш­ното производство на машини за перење. Што ќе ти се разни вирпули, канди, манди и други светски глупости. Па ние си имаме охридска легенда, убави моми Билјани што знаат да го белат платното. Со ова врвно технолошко остварување легендата живее…
    Македонија нема време за чекање. Има уште толку производи од богатата палета светски измислици, кои не водат сметка за македонските легенди. Очекувам следното македонско чудо да биде телевизор. Да излегува сериски од погоните на некоја фабрика како производна програма со име “Манаки”.
    Колку далеку сме напреднале во развојот на техниката, на прагот од 21 век, сведочи фактот што нема потреба да измислуваме топла вода. Во Кавадарци одам­на се произведуваат бојлери.
    А што се однесува до нуклеарната бомба, нејзиното производство ќе го држиме во тајност. Кога ќе ја откриеме, ќе се чуе!
    Патем, што се случи со првиот македонски велосипед, чие производство започна пред две-три години?

    4. Грците се многу несериозни. Двојно го кршат ембаргото. Еднаш, она што им е обврска кон ОН, за Србија и Црна Гора, и втор пат – она што сами си го натурија како обврска, за Македонија. Тајно ни испорачале сонди за откривање нафта. Среќа што имаме силни царински испостави, што дури сега дознав, како кратенка сме ги викале – ЦИА, па го откривме нелегалниот транспорт.
    Сега се бараат имињата на сопствениците на четири-пет приватни фирми, што ги увезле сондите од Бугарија. Интересно, никој не ги бара имињата на тие што им потпишале дозволи за реекспорт, што им поделиле контингенти и им завериле којзнае колку дозволи кога е во прашање толку голем транспорт. Веројатно се претпоставува дека ЦИА ги знае.
    И кој вели дека Грција е постојано против нас. Таа го бара нафтениот кори­дор: Бургас – Александрополис. Ние го бараме коридорот: Бургас – Валона, пре­ку Македонија. А профункционира коридорот: Иран – Македонија, преку Грција.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари