ООО РУК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:51:"Градинаротцвеќетогорасне

    1. Киро Глигоров и Стојан Андов повторно заедно копаат во државата. Фрлија неколку лопати земја, посадија дрвца пред Собранието, се фатија под рака и се сликаа пред ТВ-камерите, среќни и весели. Требаше уште да дадат изјава за новинарите: “Ве работиме како бавча!”
    Занимавањето со градинарски работи е добра идеја како да се одбележи Денот на Планетата Земја. Само, манифестацијата на градинарско помирување треба уште малку да се осмисли. На пример, секоја чест што покрај претседателот на државата Киро Глигоров и претседателот на Собранието Тито Петковски, на организаторот му текна да го покани и поранешниот претседател на Собранието. Како инаку на народот ќе му се покажеше дека Киро и Столе се сакаат. Интересна е и замислата Тито и Андов да садат мали дрвца, а Глигоров големо. Затоа што Глигоров најави дека вгодина ќе се повлече од политиката, па нема да има време да го расте дрвото. Андов и Тито сé уште мислат да останат во политиката, па ќе создаваат услови за побрз раст на садниците. Затоа и им дадоа помали дрвца. Тие ќе ги раснат, а ние ќе ги чекаме плодовите.
    Е, тука е направено најголемото промашување. Околу Собранието треба да никнат дрва што носат плодови и што ќе сведочат за нашиот постојан напредок. Зошто градинарската тројка не посади садници од банани? Мислеа дека таква овошка тука не вирее? Или, се плашат дека ќе нé викаат “банана држава”? Па, амбиентот и климата ни се токму за берба на латиноамерикански плодови. Башка, за “работење на бавчата” покорисни се корите од банана, отколку шишарките од иглолисните дрвца. Фини се за лизгање.

    2. Во заедничката пролетна акција на копање на бавчата, забележливо беше отсуството на премиерот Бранко Црвенковски. Штета, затоа што и трите садници ќе можеа да влезат во списокот на успесите на СДСМ во создавањето на државата.
    На прославата на седумгодишнината не неговата партија, Бранко повика на целосна мобилизација во наредните шест месеци до изборите и вети дека нема да се штеди себеси, ама ни членството. Премиерот на времето одел по работни акции. Знае да држи лопата в раце. И сега, нормално е да се очекува да тргне на “Ооо рук!” со лопатата. Веќе се најавуваат поставувања на камен темелници на нови објекти. Ќе се копаат дупки, ќе се меша бетон и ќе фрла Бранко со лопатата. Ќе требаат уште темели. Оваа власт треба да се забетонира. Да трае вечно.
    Има тука уште место за орање. Зошто, по примерот на акцијата на садење дрвца пред парламентот, премиерот не организира слична градинарска акција околу Владата. Нека им подели на министрите копачи, гребла, мотики и лопати и нека се мобилизираат за следните избори. Не се надеваат белки само тој, со камен-темелниците, да им обезбедува уште еден мандат. Овој народ треба да живее од нешто.
    Еве, на пример, зошто околу Владата не посадат неколку леи со лукчиња и кромитчиња. Тие министри што се разбираат во градинарство ќе бидат задолжени да го вардат насадот и да го полеваат. За вода, нека не берат гајле. Покрај толку фрлени лопати, ќе пушти премиерот уште некое чешмиче. Така, ако случајно до изборите некому текне да штрајкува пред Владата и да бара плата, никој нема да може да му забележи на Бранко дека неговите министри давале само лажни ветувања. Сега за штрајкувачите ќе има лук и вода.

    3. Зошто Европската комисија расправала за реформите во Македонија пред роденденот на СДСМ. Да биле барем малку попрофесионални, тие ќе го сослушаа говорот на Бранко Црвенковски и немаше да даваат оценки дека ни е потребен натамошен напредок во развојот на приватниот сектор, вклучително промоција на директните странски инвестиции и во банкарскиот сектор. Како можат тие во Брисел да зборуваат така, кога кај нас резултатите покажуваат подем и раст на индустриското производство, на вработеноста, на странските инвестиции… Место да го слушаат претседателот на СДСМ, тие таму слушаат некоја комисија која не дошла тука да види како убаво се живее, или барем да присуствувала на прославата на роденденот.
    Претседателот на СДСМ се пофали дека се бележат 30 илјади нови вработувања, ама изгледа не го слушал портпаролот на Владата пред две недели, кога рече дека билансот од пред Нова година досега е само шест илјади невработени помалку. Што значи, на 30-те илјади пријавени како нововработени, од Нова година досега, во заводите има пријавено 24 илјади нови невработени. Само, не вреди роденденската прослава да се расипува со игра на бројки. Башка, можеби опозицијата намерно секој ден пријавува нови невработени и работи против државотворноста на СДСМ.

    4. Не знае човек за што повеќе да се вознемирува. Дали затоа што Радмила Шеќеринска повеќе не можела да врши две функции во СДСМ или затоа што Благоја Филиповски го исклучиле од СПМ?
    И како капак на сé, Касандра и Ранду ќе доаѓаат во Македонија. Ќе ги носи Гуштеров од ЛДП што, по дефиниција, е предизборна кампања и контраудар на лопатите на Бранко Црвенковски. Глигоров е во небрано. Нема советник за култура кој ќе го посоветува дали да ја прими Касандра, а од друга страна, сопругата, пак, може да му се налути. Што ако, пак, некој му мести афера со глумица. Тука мора да има некоја нечесна игра. Зошто Гуштеров не ја донесе Доринда!?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари