ПИСМО ОД АВСТРАЛИЈА: АВСТРАЛИСКА ТРАВИЈАТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:86:"ШторепубликаќебидеАвстралија,безвостание?

    1. Не ни можев да замислам колку здодевна држава била оваа Австралија. Тешко на новинарите кои, ај што се фрустрирани што немаат соседни држави, туку мораат да си бараат проблеми таму каде што ние, државотворните во Македонија не би ги ни забележале. Седејќи овде, во Мелбурн и исчудувајќи се на темите кои ги секираат нашите колеги, се чувствувам бесполезен и тотално неинтересен во однос на нашите судски процеси, нашите штрајкови, нашите караници со соседите, нашите нови партиски прегрупирања… Не дека и овие, на крајот на светот, немаат судски процеси и штрајкови, ама некако им се свртени наопаку. Работниците штрајкуваат, ама не затоа што не зеле плата, туку затоа што бараат поголема плата. Збеснати!
    Можете да замислите што би дале, на пример, за една Соња Николовска и за една афера ТАТ. Колку би биле среќни, ако им штрајкуваат пилотите на авиокомпанијата “Квантас”? Или, ако најголемата опозициона партија одбие да дојде на кафе-муабет кај премиерот? Да можат, тие овие работи и би ги измислиле, ама немаат толку чувство за имагинација.

    2. Во една таква здодевна средина деновиве мораше да настрада јавниот обвинител на државата Викторија, госпоѓата Јан Вејд, зашто со државна кредитна картичка платила билет за опера. Госпоѓата уште минатата година била на службен пат во Лондон и ја замолила хотелската служба за резервации да ѝ обезбеди билет за Вердиевата “Травијата”. Хотелот тоа го книжел на службената сметка на јавниот обвинител и операта ѝ преседнала.
    Уметнички расположената обвинителка знаела дека од тоа може да избувне скандал и побрзала веднаш да ги уплати 100-те долари, колку што чинел билетот, на сметката на државната кредитна картичка. Но, џабе. Опозицијата веднаш реагираше со чудење, како можела жената која што според нејзината функција треба да води сметка за почитување на правото, да ги крши правилата на Владата. Кога имаш опозиција која нема друга голема државничка мисија за спасување на нацијата и новинари што се здодеваат, ништо не ти вреди. Според правилата за однесување на владините службеници, државните картички не смеат да се користат за лични потреби “под никакви околности”. Трошењето пари собрани од даноците на граѓаните за лични потреби, во Австралија е најголем грев кој не може да се прости дури и ако парите веднаш се вратени.
    Можете ли да си замислите што би се случило во Македонија, ако новинарите откријат дека некој владин службеник на државна сметка отишол в театар. Ништо. Не само затоа што нашите политичари не гледаат опери, зашто терминот на претставите се совпаѓа со терминот за “Касандра”, туку затоа што трошењето државни пари за лични задоволства не претставува никаков грев. Зошто сме ги избрале, ако не за да ни ги трошат парите? Не чини само тоа што по деловните вечери, на кои сигурно се заморуваат размислувајќи за државата, ги удираат службените возила. Затоа, наместо да одат во кафеана, нека одат со нашите пари на опера. Таму ќе заспијат, па после одморени ќе возат до дома. Наспани, ќе можат и другиот ден успешно да нé возат. А ние ќе продолжиме да спиеме. Чесно сме си платиле за тоа.

    3. Премиерот на Викторија, Џеф Кенет, побрза да застане во одбрана на јавниот обвинител, наречувајќи ги новинарите “толпа здодевни луѓе кои немаат чувство за реалноста”. Ваквата нервозна реакција на премиерот не е без основа. Пред десетина дена и самиот тој беше ставен на тапет, поради некои кредитни картички што ги користела неговата сопруга. Сиромашкиот, по 25 години брак во кој изродил 4 деца, ќе мора да се разведува.
    Цела недела пред соопштувањето на разводот, се ширеа гласови дека неговата сопруга Фелисити, изморена од политиката на нејзиниот маж, му поставила ултиматум. Или на 2 март, кога тој ќе наполни 50 години, ќе ја остави политиката, или жената ќе го остави него. Меѓутоа, Кенет е решен да остане премиер на Викторија барем до следните избори, во 2000 година.
    На Фелисити ѝ здодеало постојано да живее под надзор на новинарите. Пред крајот на минатата година, тие открија дека таа купила очила за сонце од 300 долари, користејќи ја владината кредитна картичка. Скандалот со трошењето на парите на даночните обврзници веднаш откри и други пикантерии сврзани со растрошеноста на сопругата на премиерот. На јавноста веднаш почна да ѝ пречи тоа што Фелисити возела “БМВ”, а особено откако се дозна дека го добила бесплатно “за промотивни цели”. Таа мораше и да ја затвори рекламната агенција по обвинувањата дека добивала примамливи зделки од владини институции.
    Австралиските новинари навистина живеат надвор од реалноста, како што ги обвинува викторискиот премиер. Македонските новинари се реални, па затоа и не поставуваат неважни прашања. Кај би ни бил крајот ако ја проверуваме сметката на секоја сопруга или ќерка на некој битен политичар, што често ја гледаме како си избира гардероба во “Јукан” или “Орка ексклузив” во Скопје. Или, да поставуваме прашања колку пари чинат “полата” и “голфовите” од “Асиба и МГ”. Како да е тоа важно сега кога пропадна зделката со “Ауди”.
    Друга работа е што кај нас нема шанси да се развие афера со кредитни картички. Нашите политичари работат со кеш.

    4. Во таква нездрава средина за работа и живот во Австралија, најуспешно се снаоѓаат Македонците. Баш им е гајле за очилата на госпоѓата министерка и за операта на јавната обвинителка. Си имаат тие свои оперетки. Ги собира владиката Петар на стадион и си донесуваат резолуции. Времињата се менуваат. Наместо револуционерен, сме станале резолуционерен народ. А и овдешната влада некако не ми изгледа наклонета кон револуционерни решенија. Австралија ќе стане република, а никој не помислува на востание.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари