ПОБЕДЕНИ ПОБЕДНИЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:89:"НаБранкоќемусветнекогаГошевќенабавијајца

    1. Да си странски известувач од Македонија и да треба да направиш вест за резултатите од изборите, ќе останеш без класична вест. Што да им соопштам на читателите? Кој победи на изборите?
    Деновиве низ градовите и селата низ целата држава се испи толку шампањско, што сериозно се доведени во прашање државните резерви за претстојната прос­лава на Нова година. Покрај многуте македонски специфики, по овие избори добивме уште една. Победници се – сите. Во која партија да прашаш, во било чиј штаб да се јавиш, ќе ти кажат дека тие се победници на изборите. Останува прашањето: Ако сите се победници, каде да ги бараме поразените? Логиката на сите избори вели дека на крајот треба да се издвојат победниците од поразените. Според истата логика, многу победници треба да “формираат” и многу поразени. Ако партиите ги добија изборите, дали тоа значи дека граѓаните ги загубија?

    2. На ова прашање ќе одговори еден од апсолутните победници, легендарниот Петар Гошев кој, откако со својот кандидат Ристо Пенов и со гласачката маши­нерија на ВМРО-ДПМНЕ го освои Скопје, се подзанесе дека ќе успее да ја освои и цела Македонија, па сигурен во својата харизма и вродено чувство за лидерство, ги повика граѓаните на Валандово и Ѓорче Петров, доколку бидат поништени резултатите од вториот круг, масовно да му се придружат во протестите на улица.
    Господинот Гошев ги гледа секојдневно извештаите од Белград и се вооду­шевува на помислата колку би бил среќен тој да биде на чело на таков гранди­озен собир, а уште посреќен кога во Скопје би го пронашол Слободан Милошевиќ, против чиј режим неговите приврзаници би фрлале јајца.
    Сето тоа е добро, особено што не може никому да му се забрани да сонува соништа за себе, само што господинот Гошев има мал проблем. Ќе мора повторно да го моли Љубчо Георгиевски да му позајми дел од неговите регрути, да му го изработат протестот на Гошев, како што му ја изработија победата во Скопје. И второ, ако сака да ги имитира белградските протести, кога веќе не може да смисли ништо пооригинално, ќе мора да набави повеќе јајца. А Гошев за такви работи нема јајца.

    3. Власта вчера прослави уште една голема работна победа. Беше пуштена во сообраќај обновената писта на скопскиот аеродром. И тоа со само дваесет дена задоцнување, без довршени излезни патеки и без вградено осветлување според проектот за аеродроми од повисока категорија.
    Премиерот Бранко Црвенковски имаше сериозен проблем. Не знаеше како да ја “отвори” пистата. Кога пушта водоводи одвртува славини. Кога гради царински терминали, се фаќа за лопата. Кога пушта термоцентрали притиска некакви копчиња. Кога промовира мобилна телефонија, вика “Ало!”. Што требаше да направи вчера? Да полета со авион, да направи едно крукче и повторно да слета!? Не му се исплатува толкав ризик, сега кога завршија изборите. Освен тоа, вчерашното отворање беше само прелиминарна свеченост. Којзнае дали на премиерот  му кажале дека напролет повторно ќе треба да ја пушти пистата. Тогаш ќе ги стават светлата. Дури тогаш ќе му светне дека тој всушност вчера пуштил во употреба недовршен објект.
    Којзнае, можеби пуштањето на осветлената писта намерно е оставено за напролет. За секој случај. Можеби дотогаш Гошев ќе издејствува вонредни парла­ментарни избори. А пред секои избори власта мора да прослави и некоја работна победа. Тогаш ќе се потврди старото правило дека историјата се повторува. На Бранко ќе му светне кога Гошев ќе си набави  јајца.

    4. Веројатно требаше да дојде крај на мандатот на бугарскиот претседател Жељу Желев, па претседателот Киро Глигоров да изрази жалење дека господинот Желев нема волја да работи на надминување на пречките меѓу двете држави. Сигурно и намерно му ја смисли лисабонската финта, да го отстрани својот преведувач од разговорите, за да може после во Софија да се пофали дека со Глигоров разговарале на бугарски јазик. Настрана што лажел дека се сретнале сами тие двајцата, кога во просторијата биле дури деветмина од двете делегации, вклучително и нашата преведувачка на англиски јазик.
    Желев се пожалил дека од целиот разговор не разбрал само еден збор. Кога зборувале за царински унии, Желев не го разбрал Глигоров, бидејќи македонскиот претседател наместо, како што се занесувал Желев, да му зборува на бугарски и да рече “митница”, кажал на македонски – царина. Тука доаѓа и дополнително објаснување за господинот Желев. Ние и на македонски јазик бугарските цариници ги викаме митничари. Затоа што се познати по тоа што бараат и со задоволство примаат мито. Кој не верува нека оди на практика на бугарските гранични премини.

    5. Уште една белешка од Лисабон. Во текот на Самитот на ОБСЕ рускиот амбасадор во Португалија доби епилептичен напад. Веста за ова ја јавија сите светски агенции и ТВ мрежи. Она што остана скриено е дека прва помош на рускиот дипломат му укажа лекарот на претседателот Глигоров, кој токму во тој момент случајно се затекнал во близина на рускиот амбасадор.
    Ете, понекогаш и малата Македонија може да ѝ биде од корист на големата Русија. Колку да се знае кога повторно ќе побараме продолжување на мандатот на УНПРЕДЕП.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари