ПОСЛУШНИ БАНКОМАТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:62:"РепубликаОправдувањеМакедонија

    1 Ми се смачи веќе и од Александар, и од “Скопје 2014”, и од рововската битка со Грција преку изјави. И ајде нека дојде веќе еднаш тој 8 Септември. Нека ја прошетаат Декларацијата за независност, нека се протнат под Портата, нека ја симнат Каролина од кран, како и да е облечена, нека ги развозат двокатните автобуси и нека ја пуштат фонтаната под Александар, нека се искапи фалангата во неа, и конечно да почнеме да се занимаваме со нешто од што се живее.
    Нека направат нешто. Па макар било и корисно.

    2 Дај да ја искористиме прославата на 20годишнината од независноста, па барем да се исчисти главниот град. Нели дома кога реновираш за свадба, за веселба, пред да ги пречекаш гостите си ја чистиш куќата. И после гледаш да ти остане чиста.
    Како што гледале низ светот дека има барокни згради, белки виделе дека таму и тротоарите не им се зараснати со плевел и нема залоени ќошиња од ѓубренца каде што метла не стасала. Кога веќе прават револуција, дај тогаш револуционерно нека го исчистат барем центарот на Скопје. Белки така и граѓаните ќе почнат да се грижат за својот град.
    Иако, за волја на вистината, ние сме од бога створени за правење ѓубре. И уживаме да се препелкаме во него.

    3 Министерот за здравство Никола Тодоров препорача за време на топлотниот удар градежните работници да не работат меѓу 11 и 17 часот. Арно ама, работниците работеа. Си имаат приватни газди. Газдите имаат договор со Владата. Со договорите се предвидени рокови. Така што, истата Влада што препорачува да не се работи, после ќе наплаќа пенали затоа што работата не била завршена во предвидениот рок.
    Па сега ти види.
    Што мислите вие? Кога се граделе пирамидите, лесно им било на робовите? Да не чекале ладовина да фати?

    4 Рејтинг агенцијата “Стандард и Пурс” ја намали оценката за кредитоспособноста на Македонија.
    Владата веднаш појасни. Рејтингот е намален не поради лошата економска клима за инвестиции туку поради новата методологија за процена на кредитоспособноста.
    За с ќе се најде оправдување. Кога можеше претседателот Ѓорге Иванов за пожарот на Пелистер да даде мудро образложение дека пролетта била врнежлива, тревите многу пораснале и сега многу се исушиле и лесно се палат, тогаш на вицепремиерот Владимир Пешевски му е уште полесно на економски неук народ стручно да му раскажува како таму некоја агенција решила баш на нас да ја тренира новата методологија.
    Кај нас светилки во тунел не се менуваат оти имало провев, а банкините се обраснати и знаците не се гледаат оти била влажна пролетта, па проблем било што сме останале без некое плусче во оценката на “Стандард и Пурс”. И не само што власта секогаш наоѓа оправдување. Туку тоа е секогаш широко прифатено. Никој не се буни.
    Ние зборот оправдување го имаме во средното име. Република Оправдување Македонија.

    5 Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Бети Кузмановска, на седница на Собрание изјави: “Јас лично се гордеам што сум послушник на Никола Груевски. Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ… А вие чии послушници сте, ако не на Црвенковски?”
    Убаво што Кузмановска се гордее што е послушник на Груевски. Туку дали Груевски се гордее со неа? Па штом ја ставил на пратеничка листа, мора да е горд. Само што не можел да претпостави дека за толку кус стаж во Собрание таа толку ќе се испофали.
    Ако веќе некого треба да слуша, тогаш пратеничката треба да ги слуша граѓаните од нејзината изборна единица што ја избрале. Ама бидејќи ја избрал Груевски, таа знае кого треба да слуша.
    Што не кажаа порано дека пратениците се избрани за да бидат послушници. Да не им даваме плати како за пратеници. Нека ја вработат како секретарка. Нејзе и е работа да го слуша шефот. Ќе заштедиме на плати, ќе има за уште споменици.
    Најдобро по оваа изјава Министерството за информатика и администрација да влезе во нов проект. Да ги менува пратениците со автомати за гласање. Така, ако Груевски добил 62 пратенички места, тогаш ќе има 62 автомати кои секогаш ќе бидат “за”. Поевтино е, нели?
    Како што банките ги заменија шалтерските службеници со банкомати така и партиите нека си инсталираат гласачки автомати. Банките веќе не мора да се срамат ако имаат некоја нељубезна шалтерска службеничка. Така и Груевски не ќе мора да се срами од некоја послушничка што многу зборува.

    6 На констатацијата од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, овие од СДСМ замолчеа. Си се преслушуваа дали и тие се послушници на Бранко, како што ги нападна Кузмановска.
    А има ли разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ? Има. Во зависност од тоа кој е на власт. Во нивниот биполарен свет мизерно е да си послушник на тој што не е на власт. Ако си послушник на тој што е на власт, тоа е гордост.

    7 Во “Вест” уште на 27 јуни 2003 година објавивме дека Ермира Мехмети, како тогашна портпаролка на ДУИ, ургирала да му се поправи кецот на брат и Замир Тогаш тој бил четврта година во гимназијата “Никола Карев”. Имал единица по англиски и таа и се заканувала на професорката: “Знаете ли вие која сум јас?” Професорката дури и се жалеле во врвот на ДУИ, а Ермира ургирала кај тогашниот министер за образование Азис Положани за да му ја поправи единицата на брат и.
    Поминаа осум години. Замир Мехмети порасна. Пред два дена стана член на Советот за радиодифузија. Без ургенции. Со гласање.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира