РАДИЈАТОРИ ЛАДИЈАТОРИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:57:"Аманлуѓе,немојтедасегреете!

    1. Денес повеќе нема мазут во скопската Топлификација. Супер. Нема да има бактерии, нема да има вируси, нема да има грип, ама најдобро од сé е што повеќе нема да ги слушаме луѓето од Топлификацијата со секојдневните предупредувања до граѓаните дека наскоро ќе немаат греење. Така, макар и да ни е студено, ќе се заштитиме од нервози.
    Пред три дена ни рекоа дека мазут има уште за седум дена. Другиот ден намалија, па рекоа дека ќе нé греат уште пет дена, вчера веќе ни соопштија дека залихите им се уште за три дена. Скопјани што се приклучени на топлифика­ционата мрежа немаат попаметна работа за секирање, освен секојдневно да ѝ ги бројат тоните мазут на Топлификацијата. И да се чувствуваат виновни затоа што, и покрај тоа што плаќаат секој месец, акционерското друштво не обезбедило мазут за да ги грее среде зима.
    Мене лично ме фаќа очај кога ќе се најдам во ситуација да истерувам правдина во борбата со еден моќен систем, кој со години е научен најбезобразно да се однесува со граѓаните, небаре тие се создадени заради него, и кога ќе се обидам да најдам логика во нивните потези кои немаат врска со здравиот разум. Секој месец, цела година редовно им ја плаќам сметката што ми ја испорачуваат, ако задоцнам, им ја плаќам и каматата што ми ја пресметуваат, веројатно за да набават мазут преку летото за да можат да ме греат кога ќе стегне минус 15 степени. И таман кога ќе стегне минус 15 степени, тие ќе ти речат: “Извини, не можам да те гре­ам, нема мазут”. И јас сега треба да имам разбирање, затоа што за моите пари не го добивам тоа што сум го платил. За нивната неспособност, треба да им дадам оправдување и пак да им платам.
    Ете, затоа мислам дека најдобро е веќе денес, конечно, да снема мазут. Белким тогаш и медиумите наместо секој ден да ги прашуваат одговорните во Топлифика­ција­та: “Уште колку дена ќе имаме греење?, ќе се сетат да прашаат: “Каде се пари­­те што се собираат цела година?”. А и државата нека се праша какво е тоа акцио­нер­ско друштво што бара помош од неа и ја уценува ако не му ја даде.

    2. Исто како што Топлификацијата е изненадена од безобразлукот и комо­дите­тот на луѓето што, ете, во зима решиле да се греат, и “Електро Скопје” е изненадено од зголемената потрошувачка на електрична енергија кога становите се студени. И тие секој ден апелираат да штедиме струја. “Аман луѓе, немојте да се греете!”
    И тука има многу интересна логика. Апелираат до нас да штедиме, небаре тие ни плаќаат за тоа што ќе го потрошиме.
    Исто како што им држи логиката за енормно големите сметки за декември. Особено ми се допадна она објаснување дека струјомерите биле непристапни за читање, па “Електро Скопје” си удрило киловати, онака од око. Кој сака, нека се жали. Имаат еден шалтер за цело Скопје. Тие што имаат нерви да се борат со ступидариите на “Електро Скопје”, успеаја да ги намалат сметките. Останатите веројатно имаат и некои други работи во животот, па не успеваат да се наредат на шалтерот да ги исправаат туѓите грешки.
    Ако не платиш навреме, ќе ти пресметаат камата. Нема врска што сметката ти е погрешна, па ти пресметале повеќе. Имаш една многу интересна ситуација која перфектно се вклопува во целата приказна за грабежот на граѓаните. Ем не си потрошил, ем уште и ќе платиш камата за тоа што не си го потрошил.

    3. Завчера црквата имаше уште еден медиумски спектакл, по повод Водици, на Камениот мост на Вардар во Скопје. Се надевам дека до Велигден ќе направиме малку пауза. Како почнаа, ќе ги барам фестивалите на новокомпонираната фолк-музика.
    Завчерашното фрлање на крстот внесе и револуционерна новина во сценс­киот настап на архиепископот Михаил. На граѓаните им се обрати преку микро­фон, а потоа и како искусен ТВ водител пред камерите го претстави среќникот што го фати крстот. Момчето е од Пехчево. Којзнае, можеби сега со божји благо­слов Пехчево ќе се отцепи од Берово и ќе стане општина.

    4. Пред некој ден “Вечер” ѕирна во платните списоци на Владата и откри дека министрите имале по дваесетдве-три илјади плата. Па уште и им доцнела по десетина дена. Ете ти беља. Човек просто да се трогне колку тие луѓе се жртвуваат за народот. Дури и предизборната коалиција ја растурија во караниците кој да земе колку министерски места, односно кој да биде поголема жртва  за народот.
    Со такви плати, ништо чудно некој ден Владата да почне да штрајкува пред Собранието и да бара поголеми плати. Андов ќе им го испрати Киро Поповски. Тој уште во минатиот мандат научи како се мавтосуваат штрајкувачите. Полиција­та сама ќе се организира да го заштити Собранието, бидејќи Фрчко не сака да биде штрајкбрекер. Ова ќе биде историски настан за Синдикатот. Живко Толевски ќе ѝ даде поддршка на Владата.

    5. Вработените во Театарот на народностите сакаат да се раздружуваат и да прават одвоени театри на албанска драма и на турска драма. Што мислите за ваков наслов: Театарот се разбашкарува: Башка Турци, башка Албанци.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари