ШЕЌЕРНА ВОДИЧКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:53:"Бранкозапиперувасошеќерче

    1. Што имаат заедничко Пецо од Прилеп и Соња од Битола? Многу работи. Прво – старите пријатели, кои на времето многу ги сакаа и ги почитуваа, ама кога видоа дека веќе не можат да им даваат услуги, па дури можат и да ги заглават, јавно се откажуваат од нив. Второ – начинот на градење на империите им е сличен. И Соња Николовска го создаде ТАТ со пирамида, и Пеце Дамески, “Асиба МГ” го градеше по нејзин урнек. Единствената разлика е што Соња, откако ги прибираше парите, даваше камати, а Пеце даваше автомобили. Поради таа дарежливост, и двајцата станаа блиски на битни луѓе од власта, се здобија со доверба, па кога прв пат паднаа во криза, на помош им доаѓаа угледни фирми и банки. Дури и ова што сега се случува, многу потсетува на првите денови на пукањето на аферата ТАТ. Сите го чекаат Пеце да се врати, како што сите чекаа Соња да се појави во јавноста. Пеце изјавува дека се враќа со многу пари и ќе ја спаси фирмата. Слични изјави даваше и Соња. Сите велеа дека ако Соња проговори кому сé давала кредити со привилегирани камати, работата ќе пукне многу високо. Сосема идентично, се чека Пеце да обелодени кому подарувал “аудиа”, “голфови” и “пола”, или им ги продавал со “стимулативна” цена.
    Владата сега вели дека нема никаква врска со финансиската криза на “Асиба МГ”. Исто како што на времето велеше дека нема никаква врска со ТАТ. Којзнае, можеби ги продале сите “аудиа” што секојдневно со регистарските таблички АА ги гледаме по скопските улици. Нема “ауди”, нема врска со “Асиба”.
    Велат и дека ова бил удар на премиерот Бранко Црвенковски врз крилото на СДСМ што било под влијание на Тито Петковски, зашто Пеце бил поблизок до Тито. Тоа е чиста глупост. Што има Бранко да му се лути на Пеце поради Тито, кога има лична причина да биде незадоволен од услугите на “Асиба”. Ако веќе упорно се форсира тезата дека Бранко се пресметува со Тито, зошто не би било можно Бранко да се пресмета лично со Пеце, затоа што на времето “фолксвагенот – поло”, наместо да му оди право, му заскита во бандера. Правдата е бавна, ама, сепак, достижна. И, ете, дојде време некој и да одговара за таа “сообраќајка”. Пеце сам си се намести. Кој му е виновен што продава “поло”. Затоа, сега во фирмата што наместо “Асиба” ќе ги застапува возилата на “Ауди” и “Фолксваген”, ќе биде вработен шурата на премиерот. Што е сигурно – сигурно е. Белки нема шурата да продава “пола” што се лепат за бандери.

    2. Не е само Пеце жртва на соперништвото меѓу Тито и Бранко. Ете и подмладокот на СДСМ се поделил на две струи, па одеднаш нема да има двајца кандидати за претседател на младите социјалдемократи, туку како единствен кандидат повторно е истакнат досегашниот претседател на СДММ и портпаролот на СДСМ Радмила Шеќеринска.
    Сиромашката Радмила, толку се жалеше дека ѝ било напорно во исто време да извршува две партиски функции и тамам најави дека нема повторно да се кандидира – кога добива нова партиска задача. За да се спречат поделбите и превирањата меѓу младите социјалдемократи, во пресрет на парламентарните избори, Радмила доаѓа како шеќерче да ги ублажи недоразбирањата. И – што било тоа збеснување да се избирало меѓу двајца кандидати, па да не може ниту еден од двајцата да добие потребен број гласови. Или, не дај боже, да победи кандидатот на Тито. Млади се, не знаат што сакаат. Не може да им се потрефи вкусот. Затоа и треба малку да се фрли зачин одозгора. Тито го бидува за в кујна, ама и Бранко, со тек на годините, се извешти. Знае да забибери. А, пак, да не се чувствува лутиот вкус, тука е Радмила, да се помачи уште извесно време за слогата на партијата. Тоа се вика запоиперување со шеќерче.

    3. Како шпионскиот авион “авакс” не дојде еден ден порано, да го шпарта небото над Македонија. Можеби од височина ќе успееше да види кој фрли бомба во дворот на полициската станица во Тетово. Вака, Американците уште еднаш докажаа дека секогаш стигнуваат последни на настанот. Ќе ги пуштат прво Европејците, тие ќе се испокараат меѓу себе, во чиј национален интерес е нивното вмешување во некој проблем и додека се консултираат и си ставаат вета, некој ќе направи експлозија.
    Во МВР се шегуваат, прераскажувајќи дека експлозивната направа што била фрлена под едно возило во дворот на полициската станица била импровизирана бомба од лименка од “кока-кола”. Е сега, бидејќи “кока-кола” е симбол на Америка, ова може да се сфати како мајтапење со сите оние најави за подготвеност за одбрана од евентуалното ширење на војната од Косово, за разните штабови на НАТО и мобилизираната македонска полиција, на која ете, пред очите, во сопствениот двор преку ограда ѝ фрлаат импровизирани бомби. Арно ама, “кока-кола” лименката може да биде сфатена и како атак врз сувереноста на македонската полиција, која во овој настан ќе препознае уште еден симболичен удар на империјалистите против здравите сили на социјализмот.

    4. Премиерот Бранко Црвенковски, со делегацијата што во Рим ги одбележува Деновите на Македонија во чест на св. Кирил, отпатува со редовна линија на МАТ, во четвртокот попладне.
    Има некаква длабока симболика во тоа патување на државната делегација со авион чии регистарски ознаки се “ЈУ” и, особено, што на “боингот”, најмен од југословенскиот ЈАТ, на опашката гордо стои југословенската тробојка.
    Премиерот можеби не фрлил поглед под чие знаме ќе ја претставува државата, барем на аеродромот кога свечено ќе го пречекуваат и испраќаат. Сигурно и во Италија ќе ја објаснува македонската позиција на независност, еквидистанцата, осудата на режимот на Милошевиќ. Ама, како да им објасни на Италијанците, а и нам дома дека Србите не го возат македонското раководство како што сакаат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари