ШЕНГЕН ФИЛОЗОФИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:55:"Очајничкичекајќигилидерите

    1. Во целата еуфорија создадена со прославувањето на најголемиот македонски празник Илинден, највозбудени беа репортерите на државната телевизија. Бидејќи задачата на директниот пренос од Мечкин Камен беше со камерите да се уловат што повеќе лидери на политички партии, разбирливо беше разочараното довикување на репортерите по планината, соопштувајќи ни: “Еве, камерманите ми велат дека сé уште нема никој од лидерите”. Очајнички чекајќи ги лидерите, мала утеха ни беше тоа што во Крушево се правеше скара за плескавици и ќебапчиња, кога ние покрај телевизорите не можевме да учествуваме на општонародната веселба.
    Затоа, многу се развеселивме кога на Мечкин Камен се појави лидерот на ПДП Абдурахман Алити. Камерата ги остави плескавиците да си се печат и веднаш го фати Алити. Репортерката го нападна со прашањето: “Што бара тука?”, ама Алити не се збуни. “Македонија – моја дежела!” Браво Алити! Ова што се појави на Илинден, нема никогаш да ти го заборавиме. Сé за што те напаѓавме само една недела пред тоа и за што ти пишувавме коментари, ќе ти простиме. Важно е ти да си главна ѕвезда во ТВ-преносот. И да им покажеме на луѓето дека ти повеќе го цениш празникот од оној Љубчо од ВМРО-ДПМНЕ кој положи цвеќе ден порано, и од алтернативецот Циле кој на Мечкин Камен пристигна дури по говорот на Бранко, на готово, кога скарата веќе беше исчадена, а чиниите наполнети.

    2. Сега се слушаат коментари дека Крушево било опседнато со полицајци. Нормално. Полицијата беше таму за секој случај. Што ако строгата репортерка не успееше да ги фати сите лидери и да им постави прашање што бараат таму. Вака, полицајците можеа да добијат задача, да ги ловат лидерите на политичките партии по шумата и да ги доведуваат пред камерите на државната телевизија. Во меѓувреме, полицајците се забавуваа правејќи жив ѕид помеѓу народот и политичарите. Ѕидот беше толку збиен што не можеше ни да се плукне. Плус, полицијата беше успешна дизајнерска замисла на организаторот. Во првите редови во близината на говорницата имаше развеано знамиња на СДСМ. На синото знаме на СДСМ најмногу одговара сина униформа на полицаец. Дури и да требаше да удрат некого со палките, полицајците кај удрениот ќе оставеа син белег. И токму затоа не се во право тие што приговараат дека годинава СДСМ си го присвоил празникот. Нема врска. Сино на сé оди.

    3. Претседателот на државата Киро Глигоров направи голема грешка што наместо сино, Илинден го прослави зелено. Кој ли го советуваше баш на втори август да посетува касарни и караули? Нема ли други денови за војнички активности?
    На најголемиот државен празник во Македонија, првиот човек го имавме некаде кон крајот на вестите. Прво, нормално, го имавме Бранко Црвенковски во Крушево, па Тито Петковски во Трново, па Благој Ханџиски во “Св. Прохор Пчињски”, па дури потоа Киро Глигоров во караулите. Мислам дека тука треба да се направи сериозна забелешка зошто и Димитар Бузлевски во Љубојно не одеше пред претседателот. Ако е за право, и тој беше во рамките на илинденското синило.

    4. Од сите најубаво си помина министерот за надворешни работи Благој Ханџиски. Отиде во Србија и нешто поднаучи. Досега сигурно си мислеше дека Милошевиќ намерно одолжува со исцртувањето на меѓудржавната граница, за да го држи ова прашање отворено. Но, откако се сретна со неговиот колега Живадин Јовановиќ, многу работи му станаа појасни.
    Сиромашкиот Ханџиски, сигурно се беше занел кога го поставуваше цвеќето на ѕидот од манастирот, дека прави историско освојување на “Св. Прохор Пчињски”. Ама малку подоцна, во Бујановачка Бања, на рехабилитација, Јовановиќ му рече дека нема зошто да се радува, кога граница и нема. Демек, преговорите ќе продолжат по летните одмори, ама – не умри магаре до зелена трева, на Ханџиски му беше предочена “шенген филозофијата” на југословенското раководство. Јовановиќ рече: “Југославија води политика на отворени граници и соработка која во практиката доаѓа до израз, пред сé, со Република Македонија, што во многу нешта може да биде позитивен пример како треба да се однесува кон заедничките интереси и како треба да се развива отворена соработка и како филозофијата на Шенген се пренесува во овој регион и како се обезбедува слободен проток”. Значи, не дека Милошевиќ не сака да ја исцрта границата, не дека во Белград не постои политичка подготвеност со овој чин да се затвори уште едно спорно прашање со независната македонска држава, туку тоа ти било – “шенген филозофија”.
    Во рамките на истата таа филозофија, Југословенската војска деновиве поставува нагазни мини на неодбележаната граница. Во рамките на филозофските размисли, и македонското Министерство за надворешни работи не реагира на оваа провокација. Досега немам чуено дека пример за отворена соработка по урнекот на спогодбата од Шенген се остварува со мини. На ситуација кога Србите поставуваат мини, а Македонците не реагираат, повеќе ѝ личи името: “бујановска филозофија”.

    5. Каква ли е филозофијата, според која во Република Македонија може да се случи и тоа што ни се случува во супемаркетите “Веро” и “Тинекс”, со наградната игра на грчкиот детергент за перење на чии купони е испишано дека “важи за граѓаните на ФИРОМ”? Покојниот Папандреу може да се превртува во гроб, кога нему, како политичар, не му текнало тоа што му текнало на трговец со детергенти. Ем да те прекрсти во сопствената земја ем уште и да ти ги земе парите.
    Да се случеше нешто слично во Грција, сигурно ќе реагираа разни здруженија на потрошувачи, ќе организираа бојкот на производите и на супермаркетите, а кај нас сé си помина со пишувањето на неколку весници и со извинување на фирмите што го донеле производот со таков купон на македонскиот пазар.
    Во наградната игра за граѓаните на ФИРОМ, премијата е машина за перење алишта. Колку ли интерес кај граѓаните на Република Македонија ќе имаше ако со купончињата можеа да добијат машина за перење мозоци?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари