СИГУРЕН СЕКС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:59:"Ханџискиворедицазагрчкавиза

    1. Одамна нé привикнале да живееме со стил на аутсајдери. Малку, малку, па ќе си поплачеме на тажната судбина и за сé што ни се случува ќе најдеме оправдување во фактот дека сме се родиле на Балканот. Не сме ние виновни што постојано некој друг ни прави сопки и ни се заканува со блокади. Затоа и кога  ќе ни се насмевне среќата, мислиме дека тоа е лош знак, зашто  ние едноставно сме предодредени да живееме несреќни. Ако некогаш и ни се  укаже шанса за успех, веднаш ќе ја испуштиме. Ќе се преплашиме од тоа што може да ни се случи, ако не дај боже успееме, ќе изгубиме нерви да ја истераме играта до крај и ќе си продолжиме со среќниот живот на несреќници. Толку многу си се сожалуваме, што самите на себе си се обраќаме во деминутивна форма – Македончиња. Демек, добри се, слатки, мали, наивни, не можеш да не ги сакаш, ама – греотичка.
    Затоа успехот на женската ракометна репрезентација на Македонија на светското првенство ни дојде како шок. Како сега одеднаш ние – аутсајдери да се најдеме меѓу осумте најдобри репрезентации на светот? Како сега ние, сиромашките, за жалење, да предизвикуваме страв и почит кај светските велесили во женскиот ракомет. Наместо жените да плачат, како што нé научиле во народните приказни, тие пеат среде Германија.
    Можеби ќе успеевме да одиме уште понапред, ама се замеша дипломатијата. Работата добро тргна. Пред да заминат за Германија, премиерот Црвенковски ги прими ракометарките, им посака успех, можеби им даде и инструкции како да играат. И – се одеше добро додека на теренот не се појави македонската дипломатија. Што му требаше на министерот Благој Ханџиски да се појавува во салата на натпреварот со Германија? Не дека Ханџиски сака да ги минира напорите на Бранко. Едноставно, се знае – каде се појавила македонската дипломатија, секаде доживувала неуспеси.

    2. Во паузата меѓу две патувања на шефот на македонската дипломатија, би било многу корисно, ако Ханџиски најде време да се зафати со решавањето на проблемот на грчките визи за македонските граѓани. Бидејќи од неговиот кабинет нема поглед на улицата пред Канцеларијата за врски на Република Грција, не е лошо да организира едно колективно вадење грчки визи за цела Влада, за во практиката да почувствува како на сопствениот грб македонскиот граѓанин ги  чувствува не само пендреците на сопствената полиција што им прави ред на Грците пред порти, туку и како се спроведува во живот Привремената спогодба од Њујорк, според која двете страни ја стимулираат  размената на луѓе, стока и идеи преку границата. Во редицата треба да се изнаредат сите министри сосе жени и сосе деца и да застанат покрај решетките на температура под нулата и колективно да цупкаат во место и да дуваат во рацете да се стоплат во име на зголемувањето на стопанската размена меѓу Македонија и Грција. Прв на чело на колоната ќе биде Ханџиски, кој ќе ја има таа привилегија да направи список на присутните, кој свечено ќе му го предаде на шефот на канцеларијата Александрос Маљас, при што ќе биде искажано задоволство од натамошно продлабочување на односите меѓу двете држави и ќе се осуди ембаргото како неприфатлив начин за решавање на проблемите. Арно ама, времето за работа со странки ќе истече и вратарот ќе му каже на Хаџиски “Аврио”. И Ханџиски ќе се налути и ќе ѝ предложи на Владата да преземе мерки во јануари. Значи – вгодина. Тоа е разликата меѓу нас и Грците. Тие преземаат мерки утре, а ние следната година.
    Белким кога вакво нешто ќе се случи, некој од Владата ќе почне да размислува како луѓето кои уште на полноќ ги окупираат уличките околу грчката канцеларија и дремат во возилата и камионите со регистерски таблички од цела држава, чекајќи ги двата часа да им дојде редот. Грчките бизнисмени кои секојдневно доаѓаат кај нас, не мора да знаат за проблемите на нивните партнери од оваа страна на границата. Кога и тие би се наредиле сосе цела фамилија пред решетките на македонската канцеларија за врски во Атина уште од полноќ, за да прават бизнис во Македонија, можеби ситуацијата би била поинаква. Ама, ние доследно ја спроведуваме Њујоршката спогодба потпишана меѓу “Двете страни”. Грција е “првата страна”, а ние сме “зафркнатата страна”.

    3. Зошто на Конгресот на државниот синдикат досегашниот претседател Живко Толевски беше повторно избран како единствен кандидат? Затоа што ако имаше други кандидати, тие можеби немаше да сакаат го викнат премиерот Бранко Црвенковски да им зборува за макроекономската политика на Владата, а не верувам дека ќе беа многу одушевени и од присуството на потпретседателот на Владата Димитар Бузлевски. Вака, “партнерите” им дојдоа на синдикалците на Конгрес, првиот синдикалист повторно е избран за лидер и Конгресот заврши на општо задоволство и на едните и на другите, како во старите времиња кога работничката класа беше на власт.
    Мотото на синдикалниот конгрес требаше да биде “За сигурен секс!” Колку и да е здодевно, какво време дојде, најдобро е да се држиш до еден партнер. Премиерот тоа најдобро го знае и затоа му направи чест на легендарниот синдикален лидер. Има ли посигурен партнер за Владата од Живко Толевски?

    4. Во односот меѓу Владата и Синдикатот барем се знае -еден партнер и што и да прави, тоа е тоа. Ама, читајќи ја црната хроника на државата, човек навистина не може да биде на чисто кој со кого е во врска. Пребеган државјанин на Македонија во САД илегално му продавал воена опрема на Министерството за одбрана, пребеган офицер на АРМ примил поткуп за да ликвидира пратеник, полицајци краделе полициски возила и ги носеле во Србија, среде улица ладнокрвно пукаат луѓе блиски на власта.. .
    На парламентарната седница, министерот за одбрана Лазар Китановски, по повод последната афера со заканите против пратеникот Чифлиганец побара неколку дена да се усогласеле ставовите меѓу министерствата за внатрешни работи и одбрана. Нека побрзаат, да не го запали некој ненадејно светлото, па да се шокираме. Којзнае кого сé ќе видиме со спуштени панталони.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари