Единаесеттото издание на планинската трка „Крали Марко треилс“ ќе се одржи в недела (10 март) во околината на Прилеп и ќе има две делници, за кои се пријавени околу 250 учесници.
„Трескавец треил“ е долга 18 километри. Започнува во прилепската населба Варош, па преку Маркови Кули и пејзажните ритчиња ќе ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец и потоа назад во Прилеп. На подолгата делница „Камена Баба треил“ се трчаат 35 километри, а пријавени се 80-ина учесници. Стартот исто така е во Варош, па преку патеката до Трескавец се продолжува низ карпестите предели на Камена Баба.
Од пријавените учесници, 78% се од Македонија, а 50-ина се странци од 12 држави, најмногу од Србија, Косово, Грција и Албанија. Меѓу учесниците е и поранешната шампионка на 100-километарски ултрамаратон Лиса Ринг од Шведска.
Настанот е во организација на здружението „ТРЕКС“ од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.