Додека Лео Меси е на чекор до остварување на сонот да стане светски шампион, неговите фанови се мачат да дојдат до дрес на Аргентина, откако „Адидас“ објави дека се соочува со глобален недостиг на залихи поради вонредната побарувачка.
Во пресрет на утрешното финале на Мундијалот во Катар, во кое Аргентина се среќава со Франција, германскиот производител на спортска опрема изјави дека големата побарувачка по аргентински дресови и појавата на нивни имитации на локални пазари го поттикнаа да истражи како да го зајакне производството пред она што би можело да биде масовна прослава.
„Поради исклучителната побарувачка по аргентинските дресови на ‘Адидас‘ низ светот, имаме многу мали залихи во некои држави. Работиме на тоа да обезбедиме повеќе дресови за да можат фановите да го слават ова неверојатно патување на националниот тим“, изјави портпаролот на германската компанија.
Аргентина е единствениот тим спонзориран од „Адидас“ кој се пласираше во осминафиналето на СП во Катар. И покрај тоа, компанијата се соочи со поголема побарувачка отколку на претходното првенство во Русија, при што продажбите поврзани со фудбалот пораснале за 30% оваа година. И покрај раната елиминација на Германија, „Адидас“ очекува да заработи од првенството 400 милиони евра.