АЛКАЛОИД ПОВТОРНО СО МОЌЕН ТИМ АТАКУВА НА ТИТУЛАТА НА ЕВРОПСКИОТ КЛУПСКИ КУП ВО ШАХ ВО ПОРТО КАРАС

    АЛКАЛОИД ПОВТОРНО СО МОЌЕН ТИМ АТАКУВА НА ТИТУЛАТА НА ЕВРОПСКИОТ КЛУПСКИ КУП ВО ШАХ ВО ПОРТО КАРАСАлкалоид доаѓа во Порто Карас како актуелен европски вицешампион (Фото: Фејсбук)

    Шаховскиот клуб Алкалоид, европски првак од 2016 година, повторно ќе атакува на титулата на Европскиот клупски куп, што годинава ќе се одржи од 11 до 18 октомври во Порто Карас, Грција.

    Амбициите се оправдуваат со исклучително силниот состав што Алкалоид ќе го има на располагање. Боите на клубот продолжуваат да ги бранат шестмина велемајстори од Кина, Русија и Украина, заедно со двајцата најдобри македонски играчи.

    Во Порто Карас, за Алкалоид ќе настапат двократните олимписки шампиони со Кина, Динг Лирен и Ју Јангји, Русите Дмитри Јаковенко и Дмитри Андрејкин и Украинците Павел Ељанов и Јури Криворучко, а од македонските шахисти, тука се Трајко Недев и Филип Панчевски. Капитен на екипата е Драгољуб Јаќимовиќ.

    Редоследот на играчите е според моменталниот рејтинг, а распоредот по табли официјално ќе биде објавен на самиот почеток на натпреварите.

    Вообичаено, конкуренцијата е многу силна, па се очекува Алкалоид најголемите ривали да ги има во Одлар јурди од Азербејџан, АВЕ од Чешка, Медни всадник од Русија и норвешкиот тим Валеренга, за кој настапува големиот Магнус Карлсен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира